Во најновата серија соопштенија пласирани во јавноста, СДСМ повторно избра стратегија на тешки зборови и неразумни обвинувања во смисла: „сè е сценарио“, „театар“, „договорено однапред“. Ваквите формулации можеби звучат борбено, но без конкретни факти тие остануваат само реторички чад.
Една партија која со години беше носител на власта, не смее да заборави дека одговорноста не исчезнува со преселба во опозициските клупи. Јавноста памети дека во периодот на владеење на СДСМ – ДУИ коалициската структура имаше јасна распределба на влијание. Во тој систем, Артан Груби не беше статист, туку политичар со сериозна тежина во коалицијата, практично алфа и омега во извршната па и законодавната власт.
Сцените од „фудбал во канцеларија“, тогаш претставувани како симбол на опуштеност, за многумина останаа симбол на недопирливост и демонстрација на моќ. Таквата атмосфера не е случајна. Таа е резултат на политичка клима што дозволува концентрација на влијание без јасна одговорност.
Груби имаше значајна улога и во времето на Зоран Заев, но и во мандатот на Димитар Ковачевски. Ако тогаш бил доверлив партнер и клучен фактор во власта, денес не може да се третира како изненадување или како проблем создаден од некој друг. Политиката има континуитет, а континуитетот подразбира одговорност.
Опозиционата СДСМ има право да критикува. Но кредибилитетот не се гради со гласни квалификации, туку со јасно признавање на сопствените грешки и пропусти. Кога наместо аргументи се нудат „бајати сценарија“, а се премолчува сопствената улога и одговорност, тоа не делува како принципиелност, туку како свесна политичка амнезија.
Затоа прашањето останува: Што направи СДСМ кога ја имаше целосната моќ? Кој тогаш ја контролираше концентрацијата на влијание и зошто денес се однесува како нем сведок на сопствените пропусти и на молкот пред криминалните дејанија што се одвиваа пред очите на јавноста?.
За разлика од СДСМ, јавноста не е наивна и има долга меморија. Со неколку соопштенија не се брише неколкугодишно неодговорно владеење, ниту се пере политичката одговорност со звучни квалификации и етикети. Без храброст за признание на сопствените пропусти, секоја критика звучи како бегство, а не како принцип.
Гласната реторика можеби создава впечаток на борбеност. Но без соочување со сопственото политичко огледало, таа останува само ехо на истите, одамна истрошени зборови.
01.03.2026
Проф. д-р Јове Кекеновски