Свет злосторствата на Епстин

И Бил Клинтон не знаел за злосторствата на Епстин

Без оглед колку фотографии ќе ми покажете, имам две работи што се во крајна линија поважни од вашата интерпретација на тие фотографии стари 20 години, наведе Клинтон.

И Бил Клинтон не знаел за злосторствата на Епстин

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон на денешното сослушување пред Конгресот за наводната вмешаност во аферата со сексуалниот престапник Џефри Епстин, изјави дека „ниту видел, ниту направил нешто погрешно“.

– Прво, не знаев за злосторствата што ги изврши Епстин. Без оглед колку фотографии ќе ми покажете, имам две работи што се во крајна линија поважни од вашата интерпретација на тие фотографии стари 20 години, наведе Клинтон.

По објавувањето на досиејата за Епстин од страна на американското Министерство за правда, Бил Клинтон е на повеќе фотографии со покојниот сексуален предатор.

– Како некој што пораснал во дом каде имаше семејно насилство, не само што немаше да летам со неговиот авион, ако знаев што прави, туку и самиот ќе го пријавив … Не видов ништо што ме натера двапати да размислам. Тука сме само затоа што тој толку добро и долго го криеше тоа од сите, наведе Клинтон.

Тој додаде дека по 2008 година, откако Епстин призна вина за организирање на проституција, повеќе не се дружеле.

Клинтон тврди дека кратко време се познавале, а оти нивниот однос завршил „години пред да бидат обелоденети неговите злосторства“.

– Девојките и жените чии животи Џефри Епстин ги уништи заслужуваат не само правда, туку и исцелување. Тие предолго чекаат на тоа. Иако моето кратко познанство со Епстин заврши години пред неговите злосторства да излезат на виделина и иако за време на нашите ограничени интеракции никогаш не видов никакви индикации за тоа што навистина се случува, тука сум да го понудам она малку што го знам за да спречам нешто вакво да се случи повторно, додаде Клинтон.

Вчера пред Конгресот беше сослушана сопругата на Бил Клинтон, поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон. Таа изјави дека никогаш не се сретнала со Епстин и не знаела за беговите криминални активности. Но, Хилари Клинтон призна дека била во контакт со поранешната девојка и блиска соработничка на Епстин, Гилејн Максвел, која присуствуваше на свадбата на нивната ќерка Челси Клинтон во 2010 година.

Хилари и Бил Клинтон првично одбија да сведочат, но подоцна попуштија откако пратениците се обидоа да ги обвинат за непочитување на Конгресот.(МИА)

Најнови вести од Свет

To top