Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука за субвенционирање на дел од трошоците за полагање возачка дозвола од Б-категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години кои се жители на општината.
Како што информира советникот Михаил Пејковски, со мерката ќе бидат опфатени 200 млади лица, при што секој од нив ќе добие финансиска поддршка во висина од 10.000 денари.
„Го исполнуваме нашето ветување од програмата. За првпат Општина Ѓорче Петров ќе исплаќа субвенција за оваа намена“, изјави Пејковски по одржаната седница.
Од општината посочуваат дека мерката е дел од поширок пакет политики насочени кон младите. Во изминатиот период реализирани се повеќе активности, меѓу кои поддршка на спортски клубови и индивидуални спортисти, ослободување од трошоци во градинки и училишта за деца на бранители, еднократна парична помош од 8.000 денари за новороденче, како и реконструкција и доградба на училишта и спортски терени и изградба на нови детски градинки.
Во наредниот период, според најавите, ќе се обезбедат и 3.000 денари финансиска помош за учениците во прво одделение, 5.000 денари поддршка за полуматуранти, како и проект за нова населба за млади брачни парови во Стопански Двор.
Од локалната самоуправа порачуваат дека инвестициите во младите остануваат приоритет, со цел создавање подобри услови за живот и задржување на младите во општината.