Спортската сала „Градски парк“ во иднина да го носи името на легендата на македонската кошарка Лазар Лечиќ, ќе предложи градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на иницијатива на ветераните на КК Работнички.
„Со голема чест ќе предложам пред Советот целосно реконструираната спортска сала „Работнички“ да го носи името на легендарниот тренер Лазар Лечиќ. Иницијативата доаѓа од ветераните на КК Работнички и спортската јавност, како логично продолжение на традицијата и духот на клубот“, објави денеска градоначалникот Герасимовски на својот Фејсбук профил.
Нешто повеќе од една година откако почнаа градежните работи, општина Центар вчера официјално ја отвори целосно реконструираната спортска сала во Градскиот парк
-Горд сум на тоа како е реализиран овој проект. Денес имаме целосно нова сала – од кров, осветлување и вентилација, до модерен паркет, нови санитарии и уредени канцеларии за спортските федерации. Салата е обновена од корен и подготвена за нови спортски успеси, објави Герасимовски.
Првиот официјален натпревар во реконструираната сала ќе се одигра в петок, кога македонската кошаркарска репрезентација од 18 часот ќе го пречека Луксембург во рамки на третото коло од групата А во претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029. (МИА)