Технологија дигитален фотокопир

Данска планира закон за заштита од ВИ и „дипфејк“ технологијата

Дигиталните платформи што го игнорираат Законот ќе се соочат со сериозни финансиски казни, а Европската комисија исто така може да биде вклучена. Затоа верувам дека технолошките компании ќе го сфатат ова многу сериозно, додава Енгел-Шмит, истакнувајќи дека Данска планира да го искористи своето претстојно претседателство со ЕУ за да промовира слични закони низ цела Европа.

Данска планира закон за заштита од ВИ и „дипфејк“ технологијата

Луѓето денес може да бидат „ставени“ на дигитален фотокопир и злоупотребени на различни начини, смета данскиот министер за култура Јакоб Енгел-Шмит за Гардијан, откако Данска воведе новини во својот Закон за авторски права коишто им овозможуваат на луѓето да бараат право и на сопствениот изглед.

– Со овој закон, јасно ставаме до знаење дека секој има право на сопствено тело, глас и црти на лицето – што Законот во мигов не се чини дека ги признава како заштита од генеративна вештачка интелигенција. „Дипфејк“ содржината е сериозен проблем што фундаментално го менува начинот на којшто ја доживуваме реалноста, додаде тој.

„Дипфејк“ (deepfake) технологијата користи вештачка интелигенција за создавање лажни и манипулативни видеоснимки што изгледаат и звучат како вистински, иако се работи за визуелно-звучна монтажа. Оваа технологија користи алгоритми како што се генеративните спротивнопоставени мрежи (ГАНс) за да создаде убедливо-реалистични видео-аудиосимулации на лица и гласови. На таков начин, на пр., може „да се постави“ едно лице сосе неговиот/нејзиниот глас врз друго, па второво лице – со туѓ глас да се искористи за да каже нешто што првото лице никогаш не го кажало.

Познатите личности често се жртви на овие манипулации. Во индустријата за забава, оваа технологија се користи и за „оживување“ починати глумци или за дигитална реконструкција на ликови.

Може да се користи и за политички цели, за создавање лажни говори или изјави коишто можат да влијаат на јавното мислење.

Решението за сѐ тоа, како што посочува данскиот пример, е да се вклучи личниот изглед во законот за авторски права. Според новата законска рамка, данските граѓани ќе имаат право да бараат отстранување на неовластена „дипфеј“ содржина од интернет. Тие исто така ќе имаат право на надомест во случаи на злоупотреба на дигитално реконструирани уметнички изведби. Пародиите и сатиричната содржина ќе останат ослободени од забраната.

– Дигиталните платформи што го игнорираат Законот ќе се соочат со сериозни финансиски казни, а Европската комисија исто така може да биде вклучена. Затоа верувам дека технолошките компании ќе го сфатат ова многу сериозно, додава Енгел-Шмит, истакнувајќи дека Данска планира да го искористи своето претстојно претседателство со ЕУ за да промовира слични закони низ цела Европа.

Авторските права традиционално штитат специфични креативни дела, а не идеи, факти или идентитет на една личност. Вашиот глас, лице и идентитет не се автоматски заштитени со постојните авторски права – освен ако не се дел од одредена креација (на пр., песна или фотографија). Проблемот е што во овој миг, само „познатите и богатите“ имаат можност да се борат против злоупотребата на нивниот лик и глас.

Но, како што вели Том Греам, извршен директор на „Метафизик“ (Metaphysic), просечниот човек нема таков луксуз – освен ако не може да се повика на закон што ги обврзува платформите брзо да ја отстранат содржината што ги крши авторските права во САД. „Метафизик“ е компанијата што обвластено создаде „дипфејк“ реклама со лицето на Том Круз, а соработуваше и со други познати имиња, како „АББА“, Том Хенкс и Елвис Присли – на законска основа.

Тој предлага секој да може со вештачка интелигенција да создаде свој аватар – дигитален лик кој би бил заштитен со авторски права. На тој начин, ако некој го злоупотреби вашиот дигитален лик, тоа би се третирало како повреда на авторските права.

Ако ЕУ ја прифати оваа пракса, според познавачите, тоа би можело да значи нова ера на ВИ и на дигиталната заштита на личниот идентитет.

To top