Во текот на вчерашниот ден на пет локации во Општина Василево се поставени контејнери за собирање на текстилен отпад, од кои три во населеното место Василево и по еден во селата Ангелци и Нова Маала, соопштија од локалната самоуправа.
Во изјавата на градоначачлникот на Василево, Славе Андонов, се наведува дека оваа активност е во соработка со компанијата „Еко -текст груп“ ДООО Скопје.
-Општина Василево воспоставува функционален и одржлив систем за селектирање и рециклирање на текстилен отпад. Контејнерите се поставени претежно пред основните училишта и градинките, со што проектот добива и силна едукативна димензија. Целта е кај најмладите да се развива еколошка свест и чувство на одговорност кон животната средина уште од најрана возраст. Со вакви практични решенија правиме конкретен чекор кон почиста околина, намалување на отпадот, одржливо управување со ресурсите и подобар квалитет на живот за сите граѓани, стои во објавата на градоначалникот.
Се додава дека текстилниот отпад е една од заканите за животната средина во нашето секојдневие, која бара итно решавање, а Општина Василево со овој чин практично се вклучува во борбата за зачување на животната средина и поквалитетен живот за сите граѓани во заедницата.