Вчерашното апсење на некогашниот моќник Артан Груби, предизвика бран реакции во јавноста, но огромна лавина предизвика синоќешната одлуката на Обвинителството и на Судот, наместо во „Шутка” како што се бараше претходно, Груби да биде спроведен во домашен притвор.
Многумина се прашаа: Груби е само некогашен моќник или и сегашен? И зошто обинителството и судот играат грубо со други обвинети, а е нежно со Груби?
Реагираа и партиите:
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека го разбираат револтот на граѓаните кон правосудството со „два отсто доверба”, но вината ја лоцираат во, како што велат, „седумгодишната агонија под политичка тортура на СДСМ-ДУИ”. Тие порачуваат дека времето на неказнивост завршило и дека Груби ќе одговара. За исплашената СДСМ пак куќниот притвор е доказ за наводен договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека правната држава е погребана, а ова е однапред договорено и изрежирано.
На социјалните мрежи реагираа и поранешни судии. Владимир Туфекџиќ побара еднаков третман за високите политичари и за обичните граѓани, додека Владимир Панчевски иронично праша зошто Судот на Груби не му одредил и негователка.
Се огласија и дел од осудените од случајот „27 април”, при што Јане Ченто напиша: „Јас 28 месеци во притвор, Груби дома”.
А граѓанските коментари на социјалните мрежи се полни со сарказам од типот: „Го уапсија за да го однесат дома”.
Утрово се огласија и од Обвинителството. За нив мерката притвор е исто дали се издржува во затворска установа или дома со 24-часовен надзор.
Инаку, Груби беше упасен вчера наутро на граничниот премин Блаце, откако сам се појавил, по повеќемесечно бегство од декември 2024 година, кога беше отворена истрага за злоупотреба на околу 8 милиони евра во Државна лотарија.