Република Општина Делчево

Делчевскиот Центар за култура доби поддршка за 23 културни проекти во 2026 година

Оваа година нашата установа доби финансиска поддршка за 23 проекти кои ќе ја збогатат културната понуда во Делчево, од фолклор и музика до визуелни уметности и литература- рече Начовски

Делчевскиот Центар за култура доби поддршка за 23 културни проекти во 2026 година

Националниот центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ денеска на прес-конференција ги презентираше проектите кои ја добија поддршката од Министерството за култура и туризам за 2026 година.

Директорот Златко Начовски истакна дека поддршката опфаќа различни области на културната дејност: фолклорна дејност, музичка и музичко-сценска дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн, литература и издавачка дејност, инвестициско одржување и опрема, како и музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство.

-Оваа година нашата установа доби финансиска поддршка за 23 проекти кои ќе ја збогатат културната понуда во Делчево, од фолклор и музика до визуелни уметности и литература- рече Начовски, потенцирајќи дека меѓу најзначајните проекти е реализацијата на постојаната музејска поставка во Спомен-домот на Разловечкото востание.

Тој посочи дека поддршката ќе овозможи континуитет и развој на културниот живот во градот.

-Со оваа поддршка продолжуваме да ја развиваме културната понуда, да создадеме нови содржини за публиката и да обезбедиме континуитет во културните активности. Најзначајните проекти опфаќаат активности на фолклорната група и женската пејачка група „Ѓурѓа“, музички концерти и камерни настапи, ликовни изложби и работилници, литературни фестивали и изданија, набавка на опрема за Спомен-домот на Разловечкото востание и културни активности кои го одбележуваат јубилејот од 150 години од историскиот настан- подвлече Начовски.

Директорот на културната установа ги покани граѓаните да присуствуваат на сите културни настани, а веќе оваа среда од 19 часот делчевската публика ќе има можност да ужива во театарската комедија „ЈЗУ Европа“. МИА

Најнови вести од Република

To top