Претседателот на конзервативната Европска народна партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, го повика германскиот канцелар Фридрих Мерц цврсто да се заложи за заеднички европски одбранбени напори во рамките на Европската унија, објави ДПА.
Европската народна партија е коалиција на партии од централно-десничарскиот дел во Европскиот парламент, вклучувајќи ја и Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц во Германија.
Во обраќање на националната партиска конференција на ЦДУ, што се одржа денеска во Штутгарт, Вебер рече: „Секогаш сме биле силни кога станува збор за историско лидерство. Сега ова историско лидерство е потребно и кога станува збор за одбраната“.
Со оглед на нејасната политика на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, Мерц на конференцијата за безбедност во Минхен минатата недела изјави дека Европа мора да создаде „силен, самоодржлив европски столб“ во рамките на одбранбената алијанса од гледна точка на сопствените интереси.
Вебер рече дека доколку Европската Унија навистина ја постигне својата цел за трошење на пет отсто од својот бруто домашен производ за одбрана, Европејците ќе потрошат 6,4 трилиони евра за одбрана во рок од 10 години, со што ЕУ ќе се искачи на ниво на САД во однос на трошоците за одбрана на континентот.
„Европа треба да го замени националното воено планирање со координиран пристап базиран на заеднички капацитети“, рече Вебер.
Тој го критикуваше нивото на соработка меѓу европските одбранбени компании и националните напори за автономна набавка, како и недостатокот на заеднички правила за извоз на оружје.
„Фактот дека секоја земја го прави ова сама за себе го попречува создавањето на единствен европски одбранбен пазар, кој ни е толку итно потребен“, предупреди Вебер.