Претстојниот викенд следуваат возбудувања од финалниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија во женска конкуренција.
Четири се желбите, еден е трофејот, оној кој се доделува за најдобрата од нив на финалниот турнир „Благоја Георгиевски-Буштур“.
По 34-ти пат во историјата на македонската клупска кошарка се игра „Фајнал-фор “ турнирот. Тој треба да го даде наследникот на Вардар, која годинава не се избори за завершницата.
Во наредните два дена, екипите на Крива Паланка, на Бадел 1862, МЗТ Бела вода и домаќинот, Баскет кам 2011 ќе се борат за трофејот, за прв пат во историјата, во Македонска Каменица.
Градот кој го дава актуелниот шампион, и финалист од ланското издание на Купот на Македонија.
А токму градоначалничката на малото рударско место на Истокот, Соња Стаменковска ја имаше честа да „го отвори“ дводневното дружење на девојките од четирите најдобри екипи во оваа конкуренција. Стаменковска им посака срдечно добредојде на полуфиналистите, кои се дел од овој и тоа како голем настан за град како Македонска Каменица, кој живее за спортот.
Согласно со системот за натпреварување, за место во големото финале кое ќе се игра на 22. февруари (недела, од 18.часот), ќе се изборат победниците на двете полуфинални двојки.
Во сабота, од 15.часот, на теренот во салата „Кирил и Методија“ во Македонска Каменица, ќе истрчаат екипите на Баскет кам и МЗТ Бела вода.
Од 17.30 часот, на ред е вториот полуфинален меч во кој ќе играат екипите на Крива Паланка и на Бадел 1862.