Македонија

ДВ: Владиниот авион во расчекор со технологијата и со меморијата

Авион со технологија од 80-тите не може да ги задоволи потребите, укажувал социјалдемократот Тунтев во 2019 година. Според главниот пилот, авионот не бил во чекор со технологијата ни кога бил купен.

ДВ: Владиниот авион во расчекор со технологијата и со меморијата

Додека СДСМ ја обвинува власта за „ пуста желба за поголем и нов авион за луксузирање“, медиумските архиви сведочат дека заложби за купување нов владин авион доаѓале и од кадри на СДСМ пред седум години, во периодот кога оваа партија ја предводеше Владата. Во заложбата „за“ нов авион биле приложени сериозни аргументи, во кои доминираат предупредувања за технолошката застареност на владиниот „лирџет 60“. За еден од клучните проблеми и тогаш се сметал недостигот на резервни делови за авионот и постојаните поправки со репарирани делови.

„Време е за купување на нов државен авион“, оцени во март 2019 година во интервју за „Независен“, Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство во периодот 2019-2024 година. Тој е поранешен пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ.

Оценката дека е потребен нов авион ја даде само по два месеца откако стапи на челната позиција во АЦВ.

„Наше мислење или препорака е сериозно да се размислува за набавка на нов авион. Актуелниот државен авион е со стара технологија, земен многу одамна, не е земен нов, туку репариран. Технологијата што ја има дозволува слетување само на аеродроми од прва категорија, а денешните аеродроми нудат можност и за слетување во полоши услови. Затоа во случаи на магла или неповолни метеоуслови, авионот оди на околните аеродроми. Од безбедносен аспект ќе биде многу подобро. Не може авион со 7 седишта да биде авион на Влада. Треба да има минимум 15 седишта“, изјави Тунтев.

Авион со технологија од 80-тите години

Секако, бројот на седиштата не е клучниот аргумент, туку застарената технологија.

„Јас сум цврсто убеден дека поради застарената технологија, итно треба да се размислува за набавка на нов авион за потребите на државните органи. Со тој авион ќе лета и претседател на држава и премиер, претседател на Собрание, и не само што треба да ги задоволи потребите од организациски аспект, туку и најсовремените безбедносни стандарди (…) Сметам дека не може авион со технологија од 80-тите години да ги задоволи потребите, и како капацитет, и како техника и технологија, и затоа треба да се размислува за набавка на нов“, вели Тунтев.

Посочувајќи на потребите на македонски делегации од патување, особено до Брисел, Стразбур и други ЕУ-центри, но и на цените на билетите во комерцијалната авијација, тој оценува дека „сигурно оваа инвестиција ќе биде исплатлива”.

„Тевдо не дава“

Владиниот „лирџет 60“ е во сообраќај од јануари 2005 година. Кога се случи дефект на авионот во декември 2024, директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, наведе дека од 2017 дотогаш, биле потрошени околу 3,5 милиони евра за поправки. Но објасни и дека за тој авион веќе не се произведуваат делови, значи нема нови резервни, па за поправки се користат репарирани делови.

За ваквата пракса – поправање дефекти со стари делови, говори и Тунтев во 2019 година.

„Еднаш премиерот (Зоран Заев – н.з.) ми прати порака дека се расипал генераторот. Јас му одговорив, „не секирај се премиере, има уште еден“ (генератор- н.з.). Но, ако се чести откажувањата на генераторот, независно од редовните прегледи, тогаш треба да се запрашаме зошто е тоа така. Тоа се генератори со технологија од раните 80-ти, а сега сме длабоко навлезени во 21 век. Такви генератори не постојат, сега се алтернатори и немате ни резервен дел, не се произведуваат. Тогаш му реков, ‘премиере, време е да размислувате за нов авион’, а тој на шега ми одговори, ‘Тевдо не дава’ (тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски – н.з.). Но мое е, таков став и на колегиум зазедовме, да укажеме и да советуваме сериозно да се размислува за ова прашање“, рече Тунтев.

Дефекти и принудни слетувања

Во партиската поларизација по ова прашање, кое во основа претставува и безбедносен стандард, како да се „заборава“ долгиот историјат на проблемите со авионот. Во декември 2024 година, собраниска делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, престојуваше во официјална посета на шведскиот парламент, но не можеше да се врати во Скопје поради утврдена небезбедност на авионот. Поради дополнителни проверки на проблемите со авионот, претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, не замина во Франција на церемонијата на отворањето на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз, на која присуствуваа сите светски лидери. Од Кабинетот на претседателката го информираа Кабинетот на претседателот на Франција, Емануел Макрон, дека таа не е во можност да патува поради дефект на владиниот авион.

Повеќе прочитајте на ДВ

Најнови вести од Македонија

To top