Дваесет млади учесници од Берово и Пехчево реализираа еднодневна едукативна работилница посветена на одржливото користење на автохтони сорти овошки и развојот на зелени бизнис-идеи. Работилницата е дел од проектот „Зачувување на стари сорти на овошки во регионите на Малешево и Беласица“, кој го имплементира Здружение Амброзија од Пехчево, во партнерство со Македонско еколошко друштво и Биоматера од Бугарија.
-Преку презентации, тимска работа и практична примена, учесниците се запознаа со потенцијалите на старите сорти овошки, нивната улога во зачувувањето на биолошката разновидност, како и можностите за нивна преработка во иновативни и одржливи производи. Работилницата имаше за цел да поттикне младинско претприемништво и одговорно користење на локалните природни ресурси, информираа од здружението „Аронија“.
Во работилницата учествуваа и претставници на Локалниот младински совет Пехчево, СОУ „Ацо Русковски“ и ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово.
-Во вториот дел од активностите, стекнатото знаење беше применето во практика во Работилницата за храна (FOOD HUB) во Пехчево, каде што учесниците подготвуваа производи од стари сорти круши и јаболка, во соработка со локална компанија, додадоа од пехчевското здружение.
Организаторите истакнаа дека ваквите активности се значајни за градење свест кај младите и за создавање нови можности за одржливи приходи во регионот. Активноста претставува дел од пошироките напори за зачувување на автохтоните сорти овошки во Малешевијата и Беласичкиот регион, со фокус на младинско учество, иновации и одржлив развој на локалните заедници. (МИА)