По веста дека денеска е приведен поранешниот британски принц Ендру, се огласија премиерот Кир Стармер и неговиот брат, кралот Черлс III, истакнувајќи дека законите важат за сите подеднакво.
Стармер во интервју за Би-би-си изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и во САД поради поврзаноста со покојниот, осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
– Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без оглед дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња, наведе Стармер.
Стармер потенцира дека основен принцип на британскиот систем е оти „никој не е над законот“.
По апсењето напоранешниот принц Ендру се огласи и кралот Чарлс, наведувајќи оти законот мора да се спроведува.
– Со најдлабока загриженост ја примив веста за Ендру Маунтбатен-Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и соодветен процес во кој ова прашање ќе биде истражено на соодветен начин и од страна на надлежните органи, се наведува во изјавата на британскиот крал.
Тој повтори дека истрагата ја „има нашата целосна и безрезервна поддршка и соработка“.
– Јасно ставам до знаење: законот мора да се спроведува, истакна кралот Чарлс, додавајќи оти нема повеќе да коментира сè додека трае процесот.
Претходно британската полиција соопшти дека привела 66-годишен маж од Норфолк под сомнение за недолично однесување на јавна функција и оти се вршат претреси на адреси во Беркшир и Норфолк.
Полицијата не го откри името на приведениот со образложение дека истрагата е во тек. Но, британскиот весник Телеграф, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека е уапсен Ендру Маунтбатен-Виндзор неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
Претходно, на принцот Ендру му беше одземена титулата и се исели од резиденцијата во Виндзор поради поврзаност со сексуалниот предатор Епстин. Принцот Ендру оттогаш е познат како Ендру Маунтбатен Виндзор.
Сè уште не е познато каде Ендру е во притвор. Согласно законот тој може да биде задржан од 12 до 24 часа, по што се подигнува обвинителен акт или се ослободува осомничениот.
Полицијата изминатите денови ги истражуваше тврдењата на жена, која тогаш не била британска државјанка, дека Епстин во 2010 година ја испратил во Велика Британија за да има секс со Маунтбатен-Виндзор во неговата резиденција „Ројал Лоџ“. Таа преку својот адвокат тврди дека откако ја поминала ноќта со него, ѝ бил понуден чај и обиколка на Бакингемската палата.
Во меѓувреме девет полициски управи во Велика Британија ги истражуваат наводите дека поранешниот принц проследувал чувствителни владини и комерцијални документи до Епстин, што претставува злоупотреба на јавната должност и кршење на службена тајна.
Лондонската полиција испитува дали телохранителите на Ендру „намерно замижувале“ за неговите посети на приватниот остров на Епстин.
Објавените документи и електронска пошта покажуваат дека Ендру и Епстин останале во контакт откако американскиот милијардер призна вина за подведување малолетнички. (МИА)