Во Василево се одржа последната форумска сесија во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“,чиј краен резултат е добивање камион за собирање смет за Јавното комунално претпријатие „Турија“ од Василево.
Во присуство на граѓаните на општина Василево-учесници во форумскиот процес, претставници од општинската администрација, образованието, ЈПКД „Турија“, Василево, беше направен рекапитулар на целокупниот процес, кој помина низ пет форумски сесии, каде последователно низ дискусии се искристализира животната средина како приоритетна област и набавка на камион за собирање смет, како проект за реализација со средства обезбедени во рамки на оваа Програма.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, изрази благодарност до учесниците за вклученоста, сериозниот пристап и извонредните идеи и предлози и посебна благодарност до донаторите, односно Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC), Министерството за локална самоуправа и Проектна единица на УНДП – сите заедно заслужни за крајниот резултат: набавка на камион за собирање смет.
„Со набавениот камион, сигурен сум дека ќе ми се зголеми капацитетот на нашето Јавно комунално претпријатие, кое примарно е одговорно за одржувањето на комуналната хигиена, и дека веќе од утре со зголемен капацитет поуспешно ќе одговара на секојдневните потреби на граѓаните во делот на прибирањето на отпадот“, потернцираше градоначалникот Андонов.
Од овој форумски процес, како продукт произлегоа и препораки до општината и градоначалникот, во форма на проекти чија реализација ќе го подобри животот на граѓаните во заедницата.
Изградба на системи за фекална канализација во Радичево, Владиевци, Градашорци, Василево, Ангелци; Расчистување на дивите депонии и воведување на санкции за несовесните граѓани што фрлат отпад; Набавка на контејнери и канти за отпад; Изградба и воведување во современо водоснабдување; Јакнење на свеста на населението околу одржувањето на животната средина; Подигање на свеста на граѓаните за животната средина; Подигање на свеста на земјоделците да се придружуваат на правилата за употреба на пестициди; Набавка на работна опрема за одржување на јавните површини и Училишни дворови померка на учениците, се препорачаните проекти.
„Дел од нив се во фаза на реализација, за што сте сведоци во вашите населени места, за дел имаме обезбедени средства и ќе стартуваат деновите, а дел допрва ќе се реализраат“, потенцираше Градоначалникот во своето обраќање.
Овој форумски процес во општина Василево, се реализираше преку пет форумски сесии одржани во периодот 2024-2026 година во рамки на Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, финансирана од Швајцарската влада, Министерството за локална самоуправа, и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.