Во зградата на германскиот парламент, Рајхстагот, утрово дојде до голема пожарникарска интервенција поради аларм што предупреди за присуство на гас.
80-ина пожарникари со многубројни возила излегоа на терен, но по тричасовно пребарување, беше утврдено дека нема опасност. Интервенцијата заврши малку пред 8 часот, пишува „Билд“.
Алармот се вклучил во зградата на Рајхстагот околу 5 часот утринава.
„Алармот се вклучи во 5:15 часот утрово бидејќи беа откриени мали количества гас“, рече портпаролот додавајќи дека 80 члена на службите за итни случаи, вклучувајќи и специјални единици за деконтаминација, беа испратени во седиштето на парламентот.
Пред зградата беше поставена зона за деконтаминација, а пожарникари во заштитни костими ја пребаруваа внатрешноста за опасни супстанции. Пребарувањето заврши без резултати.
„Бидејќи ништо не беше пронајдено, колегите се повлекоа пред петнаесетина минути“, потврди портпаролот кратко пред 8 часот.
„Можно е да станува збор за некое висококонцентрирано средство за чистење“, одговори тој кога беше прашан за можната причина за активирањето на алармот.
Утринската интервенција на службите за заштита предизвика и ограничувања во сообраќајот и пренасочување на автобуските линии што сообраќаат во близина на зградата на Рајхстагот. (МИА)