Врз основа на Законот за образование на возрасни, ЈУ Центар за образование на возрасните – Скопје објави повик за регионалните центри за стручно образованиe и обука што се заинтересирани да се пријават за акредитација на понудувач на услуга за валидација за квалификациите: производител на млечни производи; администратор на веб-страница; управувач со трактор; изработувач на пица; барист и пчелар.
– Понудувачот на услугa за валидација може да го спроведува процесот на валидација доколку има простор, опрема и кадар соодветен за спроведување на процесот на валидација за конкретната квалификација, за што поднесува барање за акредитација на понудувачи на услуги за валидација до Центарот за образование на возрасните, стои во повикот објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
Во објавата се наведени документите што треба да бидат доставени со барањето за акредитација на понудувач на услуга за валидација, трошоците за акредитација (15.000 денари), трансакциската сметка и адресата на ЈУ Центар за образование на возрасни.
Јавниот повик трае десет дена од денот на објавувањето на интернет-страницата на Центарот (/www.cov.gov.mk) и на МОН. Пријавите се доставуваат најдоцна до 27 февруари 2026.