Конгресот на Перу доцна синоќа го избра Хозе Марија Балказар за привремен претседател по отстранувањето на претседателот Хозе Хери, јави ДПА.
Мнозинството пратеници го поддржаа Балказар, член на левичарската партија „Перу Либре“, во вториот круг од гласањето. Тој треба да ја води земјата до јули, кога победникот на следните претседателски избори треба да ја преземе функцијата, појаснува германската агенција.
Хери загуби на гласањето недоверба во вторникот, по само четири месеци на функцијата. Тој ја презеде претседателската функција во октомври додека беше претседател на перуанскиот Парламент, по импичментот и отстранувањето од власта на претседателката Дина Болуарте.
Отстранувањето на Хери дојде по зголемениот притисок врз него поради неофицијални средби со кинески бизнисмени и наводни неправилности во назначувањето жени на владини позиции.
ДПА оценува дека Перу се соочува со континуирана политичка нестабилност во последните години, а Балказар е осмиот претседател на земјата за околу 10 години.
Последниот перуански претседател кој завршил целосен петгодишен мандат беше Оланта Умала, кој владееше од 2011 до 2016 година, потсетува ДПА.
Извор МИА