Обилни снежни врнежи го зафатија подрачјето на романскиот главен град Букурешт синоќа, предизвикувајќи сериозни тешкотии во движењето на граѓаните и на одвивањето на сообраќајот во градот, како и откажување и пренасочување на голем број летови од двата меѓународни аеродроми што го опслужуваат градот, објавува „Агерпрес“.
Романската противпожарна служба соопшти дека синоќа имале повеќе од 100 пријави за паднати дрвја и заглавени автомобили во Букурешт и соседниот округ Илфов.
Во исто време, Букурешката транспортна компанија (СТБ) извести дека многу возила во градот доцнат поради комплицираните зимски услови, нагласувајќи дека компанијата ангажирала над 200 вработени да работат на чистење на трамвајските и автобуските линии во Букурешт.
Во меѓувреме, Националната корпорација на аеродроми во Букурешт соопшти дека голем број летови од меѓународните аеродроми „Аурел Влајку“ и „Хенри Коанда“ се откажани или пренасочени поради лоши временски услови.
Романската метеоролошка служба синоќа издаде црвено предупредување за обилни снежни врнежи во регионот на Букурешт и округот Илфов, а за сложена ситуација и десетици паднати дрвја се соопштува и во округот Прахова, кој се наоѓа северно од романската престолнина.