Ракомет

Алушовски: Со дисциплинирана игра со позитивен резултат

Алушовски: Со дисциплинирана игра со позитивен резултат

Ракометарите на Е.Пелистер ќе го дочекаат тимот на Висла Плок во првиот натпревар за 2026 година во Лигата на шампионите со што оваа ќе биде европско деби на клупата на пелистерци за новиот тренер Стевче Алушовски.

Алушовски ја повика публиката да ја наполни салата, а вети дека неговиот тим ќе ѝ возврати со пожртвуваност за добар резултат.

„Чест и задоволство ми е што пак сум тренер на матичниот клуб Пелистер. Кога овој клуб ве повикува, нема размислување, веднаш го прифаќате предизвикот, а тоа значи домашно првенство и Лига на шампиони. Првиот меч против Висла ќе биде исклучително тежок. Ова е екипа која играше извонредно и е третопласирана во групата. Игра цврст ракомет, со добра одбрана и одлична транзиција. Моите очекувања се со техничка дисциплина и тимски дух, сплотеност и заедништво да извојуваме позитивен резултат. Ги знаеме добрите и лошите страни на Висла. Се надевам на извонредна атмосфера, па со помош на нашите навивачи да дојдеме до успех.

Мислам дека во периодот зад нас имавме мали кадровски проблеми. Пред се мислам на репрезентативците кои долго беа отсутни. По нивното враќање имавме мали проблеми со повреди. Павле Атанасијевиќ беше повреден, а Словенците доцнеа повеќе од другите. Имавме доволно време за подготовка, оваа екипа тренирала заедно шест месеци пред моето доаѓање. Не изменивме многу, туку само додадовме некои елементи за да се подобриме, пред се за натпреварот со Висла. Низ една позитивна и добра работна атмосфера сакаме да се покажеме во добро светло прво против полскиот ривал, а потоа и во домашното првенство. Сакам да ги повикам навивачите да дојдат да не бодрат, а нашиот тим ќе возврати со добра и пожртвувана игра“, изјави Алушовски.

Средбата меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плок ќе се одигра в четврток во салата „Боро Чурлевски“ во терминот од 20:45 часот.

To top