Ако Украина се проектира како земја кандидат за полноправно членство до 2027 без исполнување на критериуми, Македонија, која ги исполнила сите копенхашки стандарди, требаше да биде членка уште вчера, вели безбедносниот аналитичар Милан Стефановски во изјава за весникот ВЕЧЕР. Тој појаснува дека заклучоците од Минхен укажуваат на геополитичката потреба Европа да ја зацврсти својата позиција, додека американскиот безбедносен штит веќе не е толку цврст. Според него, Македонија засега успешно балансира помеѓу САД и ЕУ во овие глобални тектонички промени. Стефановски додава дека ако геополитиката има последниот збор пред критериумите, Западниот Балкан, каде сеуште лебдат нерешени територијални прашања, е изложен на исти ризици како и Украина.
Пораките од годинашната Минхенска безбедносна конференција ја отворија дилемата за критериумите и за динамиката на проширувањето. Додека европската перспектива на Украина се става во силен безбедносен и геополитички контекст, македонските власти предупредуваат дека процесот мора да остане предвидлив и заснован на јасни правила што важат еднакво за сите кандидати. Разликата во тонот и во итноста на пораките од Минхен повторно го наметна прашањето дали ЕУ применува унифицирани стандарди или пристапот се приспособува според актуелните безбедносни околности.
На маргините на Минхенска безбедносна конференција годинава доминираше ставот дека европската перспектива на Украина добива забрзана политичка поддршка, пред сѐ, поради безбедносните импликации од војната и потребата Европската Унија геостратешки да го зацврсти источниот фронт. Повеќе соговорници посочија дека процесот на пристапување за Киев се третира и како инструмент за стабилизација на континентот и порака за одвраќање, при што безбедносниот контекст силно влијае врз динамиката на интеграцијата. Во таа насока, беше нагласено дека проширувањето кон Украина денес не се гледа само низ класичните копенхашки критериуми, туку и како дел од пошироката стратегија за европска безбедност и отпорност.
– Ни треба датум, инаку Русија ќе се обиде да нè блокира – директно или можеби преку други земји. Украина мора да биде спремна технички да се приклучи (во ЕУ) во 2027, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на прес-конференција во Минхен, повикувајќи на конкретен рок за пристапување на Украина во Европската Унија.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, на прашањето дали Украина може да стане членка на ЕУ до 2027 година, рече дека „врз основа на сегашната методологија, приклучувањето на Украина до јануари 2027 не е можно“, но додаде дека се разгледуваат опции.
– Не можеме повеќе да чекаме, и веќе дискутираме за тоа, рече Кос.
Безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски, за весникот ВЕЧЕР, нагласи дека ако Украина е проектирана како земја кандидат за полноправно членство до 2027 без никакви критериуми, тогаш Македонија, со исполнети критериуми од Копенхаген, треба да биде членка на ЕУ уште вчера. Според него, заклучоците од Минхенската безбедносна конференција во овој момент се дека Европа е принудена да го бара своето место на светската геополитичка сцена, бидејќи досегашниот релативно удобен безбедносен американски штит веќе не е толку цврст.
Целото интервју можете да го погледнете на тука.