Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП ја проширува својата мрежа на дестинации со воведување на уште две нови авиолинии до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро), на Виз ер најголемата авиокомпанија во Македонија.
Од 15 јули стартува линијата од Скопје до Палермо, со која Виз ер ќе сообраќа три пати неделно, секој понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 €, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе лета два пати неделно, секој вторник и сабота со достапни цени од 39,99 €.
Со започнувањето на овие две нови рути, Виз ер ја потврдува својата долгорочна посветеност на пазарот и дополнително го проширува своето присуство во земјата.
Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
„ Пресреќни сме што ви го претставуваме возбудливото проширување на скопскиот аеродром. Ова проширување не само што ја збогатува нашата понуда, туку им овозможува на нашите ценети патници фантастичен избор на патувања и флексибилност полесно да ги планираат своите патувања. Со воведувањето на низа нови линии, гордо ја потврдуваме нашата посветеност на растот и иновациите, отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме! Овие дестинации се вистински рај на земјата и ве очекуваат да ги откриете! Овој развој е доказ за нашата еволуција во значаен транспортен центар, каде што авантурата ве чека на секој чекор! Затоа, спакувајте ги куферите и подгответе се за нови прекрасни патувања – скопскиот аеродром е тука за да го издигне вашето патничко искуство на повисоко ниво“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
„Овие нови рути од Македонија ја одразуваат нашата посветеност да им понудиме на патниците повеќе опции за патување низ Европа. Воодушевени сме што ја прошируваме нашата Македонска мрежа со воведување нови директни врски со Италија. Овој развој создава поголеми можности за патување за патниците, а воедно обезбедува и повеќе можности за одмор и градски одмор. Поврзувањето на патниците со живи дестинации отсекогаш било наша цел и сме благодарни за растечкиот број македонски патници кои го избрале Виз Ер, рече Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Виз Ер.
Во моментов, Виз ер нуди 45 линии до 41 дестинација во 17 земји од Северна Македонија. Во 2025 година, авиокомпанијата реализираше повеќе од 10.000 летови од и кон земјата, превезувајќи речиси 2 милиони патници. Степенот на реализирани летови од 99,48% е еден од највисоките во индустријата.
Новите рути од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење. Со ова проширување, ТАВ Македонија продолжува со својата стратегија за зајакнување на европската поврзаност и отворање нови можности за патување, туризам и бизнис соработка.
Палермо и Алгеро се места што ја одразуваат душата на Италија. Во Палермо на Сицилија посетителите ги очекува богата историја, импресивни палати, катедрали и живописни пазари, нудејќи незаборавно патување низ културата и вкусовите на Сицилија.
Во Алгеро на Сардинија пак, туристите ќе можат да уживаат во мирот на средновековните улици и прекрасните морски пејсажи.
Уште една потврда за константниот раст на ТАВ Македонија е последната статистика за јануари, која покажува раст на двата македонски аеродроми. Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првиот месец од годината, заедно опслужија 289.584 патници на 2.009 летови. Изразено во проценти, тоа се 31% повеќе патнички сообраќај и 10% повеќе летови споредено со истиот месец, 2025 година.
Со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 3 авиокомпании реализираат летови до 8 дестинации.
Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, Аустријан ерлајнс ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека од месец јули од аеродромот од Скопје се воведуваат уште две нови авиолинии кон Алгеро Сардинија и кон Палермо.
Вицепремиерот Николоски на фејсбук профилот напиша:
“ Уште две нови авиолинии од Скопскиот аеродром! Убави вести за сите што сакаат да патуваат, како и за сите што сакаат да ја посетат Македонија. Од 18ти јули од Аеродром Скопје ќе може да се лета за Алгеро Сардинија во Италија. Од 15ти јули од Скопје ќе може да се лета и до Палермо во Италија. Со овие две нови авиолинии на Wizz Air се очекува уште повеќе да го зголемат авио сообраќајот на Скопскиот аеродром кој во 2025 година имаше рекордна година со над 3.2 милиони патници и со новите линии станува лидер во регионот.
Исто така најавено е зголемување на бројот на летови и патници на постојаните линии, како и нов авион на Скопскиот аеродром од најновата класа на Airbus A321 Neo.
Имајќи предвид дека ова се линии кои ќе оперираат во летната сезона за нив не се предвидени субвенции, што е квалитет плус и показател дека комерцијално се повеќе ќе има интерес за Скопскиот аеродром”- објави вицепремиерот Николоски.