Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го разгледа Предлог законот за органско земјоделско производство во прво читање, оцени дека е прифатлив и го проследи на натамошно читање.
Со донесување на новиот закон, како што се посочува во образложението објавено на собраниската веб-страница, се очекува подобрување на правната рамка преку појасни, попрецизни и поедноставни одредби, како што е воведување каталог на мерки кои треба да се преземат во случаите кога постои сомневање или во кои е утврдена неусогласеност. Со овој предлог на закон за органско земјоделско производство ќе се зајакне системот за вршење официјална контрола благодарение на построгите мерки на претпазливост и пошироките проверки засновани на следливост на производот и ризик по целиот синџир на снабдување. Производителите во трети земји ќе мора да ги следат истите барања како производителите во ЕУ, како и олеснување на прометот со органски производи или производ во преод на Република Северна Македонија и Европската Унија.
Овој предлог на закон предвидува финансиски средства за годишната програма за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2026 година во проектиран годишен износ од 100 милиони денари согласно Буџетот на нашата држава. Со цел исполнување на обврските кои произлегуваат од процесот на пристапување во ЕУ произлезена е потребата од подготвување нов закон за органско земјоделско производство кој ќе биде усогласен со Регулативата (ЕУ) на Европскиот Парламент и на Советот од 30 мај 2018 година за органско производство.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Пенков истакна дека со ова предлог законско решение треба да се обезбеди лојална конкуренција и да се дефинираат целите и начелата, преработката, складирањето, дистрибуцијата, продажбата, употребата на ознаки, но и инспекцискиот надзор врз органското производство.
– Кои се нашите очекувања од ова предлог-законско решение? Со овој закон потребно е да се обезбеди од една страна рамка, но од друга страна и основа за одржлив развој на органското земјоделско производство за сите оние земјоделци кои ќе се одлучат на овој чекор и ќе започнат да се занимаваат со органско производство. Тоа е првиот момент. А, вториот момент е да се овозможи раст на тие земјоделски производители, не само почеток туку и одржлив развој за на крајот да овозможиме и раст на сите тие земјоделски производители кои ќе го напуштат конвенционалното земјоделско производство и ќе преминат на органско производство. Што е тоа што се постигнува? Основно е дека треба да има позитивна инфлуенца врз животната средина, климата, внатрешниот пазар на органски производи мора да биде функционален, мораме да обезбедиме лојална конкуренција, да не доведеме да не се донесе решение такво што ќе овозможи нелојална конкуренција, рече Пенков.
Тој објасни дека органското земјоделско производство е систем на управување со фармите и производство на храна каде што се комбинирани најдобрите практики во делот на зачувувањето на животната средина, во делот на зачувувањето на климата, на природните ресурси, исполнување на исклучително високи критериуми при производството во делот на органското земјоделско производство. Сето ова, како што нагласи, „нас не води до тоа секој оној земјоделски производител доброволно да може да се определи и да почне да се занимава со органско земјоделско производство на храна, меѓутоа треба добро да знае дека барањата во делот за органско земјоделско производство се разликуваат од барањата во делот на конвенционалното земјоделско производство“.