Тимот на Винс Картер стигна до трофејот на турнирот „Ѕвезди во подем“ кој се одржа во салата „Интуит Доме“ во рамките на Ол-стар викендот кој се одржува.
Во драматичното финале избраниците на Картер славеа против тимот на Кармело Ентони со 25-24, а натпреварот го реши новајлијата на Филаделфија 76ерс Ви-Џеј Еџекомб.
Тој при 24-23 беше прецизен од линијата за слободни фрлања и ги реализираше двата обида за победа и трофеј.
Еџекомб беше избран и за МВП на турнирот. Во полуфиналето постигна 17 поени, а во финалната пресметка додаде уште шест.
Тимот на Винс претходно во полуфиналето направи пресврт и го елиминираше составот предводен од Трејси Мекгрејди со 41-36.
Во другото полуфинале тимот на Мело по негатива од 32-28 успеа да сврти со серија 12-2 и да обезбеди место во финалето. Најефикасни во победата беа Рид Шепард и Донован Клинган со по девет поени.