Ракометарите на ГРК Охрид утре го играат првиот осминафинален дуел од ЕХФ Европскиот куп, а во Охрид ќе гостуваат Дукла Прага (првиот европски шампион). На денешната прес конференција тренерот на охриѓани Борис Ројевиќ истакна:
– На гости ни доаѓа сериозен противник, кој двапати беше шампион на Европа. Дукла е сериозна екипа, со тројца репрезентативци на Чешка и селекторот на репрезентацијата, клуб со голема традиција и ние едвај чекаме натпреварот да започне. Ги повикувам нашите навивачи да ја наполнат салата и да направат атмосфера како против Еурофарм Пелистер, тоа нам многу ќе ни значи. Имавме некои промени во ростерот, формата можеби не ни е на посакуваното ниво, но ние сме спремни за овој предизвик.
Дуелот меѓу Охрид и Дукла се игра во сабота во СЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот, а судии се: Генц Бујапи – Гетаор Бујапи од Косово. (МИА)