„Пошта на Македонија“ информира дека работи на изнаоѓање решение за забрзување на царинските формалности и обработка на пратките откога дојде до забавување при обработката и царинските прегледи поради новите обврски со измените на Законот за данокот на додадената вредност (ДДВ).
Со измените на Законот за ДДВ, што стапија во сила на 18 декември лани, се укина ослободувањето од ДДВ за пратките нарачани онлајн во вредност до 22 евра, а „Пошта на Македонија“, заради утврдување на ДДВ-то, должна е сите пратки нарачани онлајн да ги даде на царински преглед. Оваа нова обврска, велат од таму, создава забавување при обработката и царинските прегледи на пратките.
– „Пошта на Македонија“ заедно со Царинската управа работи на изнаоѓање решение за забрзување на царинските формалности и обработка на пратките сè со цел да пристигнат во што пократок рок до примачите/корисниците – информира националната „Пошта“ во објава на својата веб-страница апелирајќи на трпение и разбирање.
Министерството за финансии претходно соопшти дека очекува директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании со спроведувањето на законските измени со кои се укина ослободувањето од ДДВ за онлајн-пратки со вредност до 22 евра.
– Со укинувањето на ослободувањето речиси 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн-платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените – информира Министерството за финансии откога Собранието ги изгласа измените на Законот во ноември лани.
Беше посочено дека новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ, кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина.
Во регистарот на лиценци на Агенцијата за пошти се евидентирани 29 компании, од кои „Пошта на РСМ“ е носител на индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга, а другите на општо овластување.