Легендарната тенисерка Моника Селеш откри дека веќе неколку години се бори со сериозен здравствен проблем. Таа соопшти дека уште во 2022 година ѝ била дијагностицирана мијастенија гравис – ретка и хронична автоимуна болест што предизвикува слабост на мускулите.
Селеш ги почувствувала првите симптоми токму на местото каде што некогаш доминираше – на тенискиот терен.
Она што во почетокот изгледало како моментален пад на концентрацијата, подоцна се покажало како сериозен невролошки проблем.
„Играв со деца или со членови од семејството и едноставно ја промашував топката. Ќе си помислев: ‘Па јас гледам две топчиња’. Тоа се симптоми што не можеш да ги игнорираш“, раскажа Селеш, опишувајќи го моментот кога сфатила дека нешто не е во ред.
Кога лекарите ја потврдиле дијагнозата, следел шок.
„Кога ми ја поставија дијагнозата, си реков: ‘Што?!’. Затоа не можам доволно да нагласам колку би сакала тогаш да постоеше некој како мене што јавно зборува за ова“, изјави таа.
Мијастенија гравис е автоимуно заболување при кое имунолошкиот систем ги напаѓа рецепторите меѓу нервите и мускулите, што доведува до слабост, замор и проблеми со видот, говорот или движењето.
Иако е хронична, со соодветна терапија симптомите можат да се контролираат.