Живот и Стил истражување

Истражување: Четириесеттите се најисцрпувачкиот период од животот

Четириесеттите години од животот се најисцрпувачкиот период, покажуваат истражувања на научници, а ова сознание веројатно нема да ги израдува оние што се приближуваат до 40-тиот роденден.

Истражување: Четириесеттите се најисцрпувачкиот период од животот

Четириесеттите години од животот се најисцрпувачкиот период, покажуваат истражувања на научници, а ова сознание веројатно нема да ги израдува оние што се приближуваат до 40-тиот роденден.

Според анатомката Мишел Спир од Универзитетот во Бристол, причината не е само стареењето, туку совпаѓањето на биолошките промени со периодот на најголеми професионални, семејни и општествени обврски. Таа објаснува дека заморот во средната возраст е резултат на „несклад меѓу биологијата и барањата“.

-Иако телото и понатаму може да произведува доволно енергија, начинот на кој тоа го прави се менува. Во исто време, барањата кон организмот често се најголеми токму во овој животен период, изјави Спир.

Според неа, во дваесеттите години телото е значително поприлагодливо. Обновувањето на мускулите е побрзо, воспалителните реакции се пократки, а производството на енергија е поефикасно. Митохондриите, кои се одговорни за создавање енергија во клетките, работат поефикасно и со помалку штетни нуспроизводи, па недостигот од сон или зголемениот физички напор полесно се надоместуваат. Со влегувањето во четириесеттите, мускулната маса природно почнува да се намалува, освен ако не се одржува со редовен тренинг. Истовремено, митохондриите стануваат помалку ефикасни, што доведува до намалена енергија и побавно закрепнување. Дополнително, квалитетот на сонот се влошува, а хормоналните промени, особено кај жените во периодот на перименопауза, можат да придонесат за поплиток и прекинат сон, додава таа.

Истражувањата покажуваат дека средната возраст често е период на најголемо когнитивно и емоционално оптоварување. Луѓето тогаш најчесто имаат одговорни работни позиции и истовремено се грижат за деца или повозрасни членови на семејството. Менталниот напор, како што посочуваат експертите, ја троши енергијата подеднакво како и физичкиот. Сепак, научниците нагласуваат дека заморот не е ист кај сите. Нивото на енергија зависи од животниот стил, обемот на обврски и начинот на справување со стресот. Добрата вест е дека во шеесеттите години кај многумина се забележува стабилизација, па дури и зголемување на енергијата, благодарение на намалениот стрес и намалениот животен ритам. Редовната физичка активност, особено тренингот, како и квалитетниот сон и урамнотежената исхрана, можат значително да придонесат за подобра виталност во сите животни периоди.

To top