Израелскиот претседател Исак Херцог денеска ја започна државната посета на Австралија и положи венец на местото на антисемитскиот напад во Сиднеј во кој загинаа 15 лица.
Херцог се сретна со семејствата на жртвите и преживеаните од нападот за време на еврејскиот фестивал на плажата Бондај на 14 декември минатата година.
Претседателот на Израел положи венец и два камена што ги донесе од Ерусалим на местото на нападот.
Херцог рече дека двата камена ќе останат во спомен на жртвите, но и како потсетник дека добрите луѓе од сите вери и нации ќе бидат „силни во лицето на теророт, насилството и омразата“.
„Тука сум да изразам солидарност, пријателство и љубов“, им рече Херцог на новинарите, додавајќи дека посетата е можност за подобрување на односите меѓу Израел и Австралија.
Во нападот врз семејствата што ја слават Ханука, 15 лица беа убиени, а 40 беа ранети. Само еден од двајцата напаѓачи ја преживеа конфронтацијата со полицијата.
Херцог ќе ги посети Мелбурн и главниот град Канбера пред да се врати во Израел во четврток.
За денеска во Сиднеј се планирани протести поради начинот на кој Израел ја водеше својата војна во Појасот Газа и се однесуваше кон цивилното население на палестинската територија.