Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Пабло Гуанипа, поранешен член на Националното собрание, е киднапиран во Каракас околу полноќ по локално време, само неколку часа откако беше ослободен од затвор, објави опозициската лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо.
„Хуан Пабло Гуанипа е киднапиран пред само неколку минути во населбата Лос Чорос во Каракас. Тешко вооружени мажи, во цивилна облека, пристигнаа со четири возила и на сила го однесоа. Бараме негово итно ослободување“, напиша Мачадо рано утрово на социјалната мрежа X.
Рамон Гуанипа, син на опозиционерот, потврди дека неговиот татко е киднапиран и изјави дека го киднапирале десет неидентификувани лица.
Партијата „Примеро Јустиција“ на Гуанипа го осуди киднапирањето на својот лидер, како што тврди, „од страна на репресивните сили на диктатурата“, пренесува BFM.
Неколку часа претходно, Гуанипа (61) беше ослободен од затвор, пред најавеното гласање за историскиот закон за амнестија во Венецуела.
Тој синоќа објави дека е ослободен по повеќе од осум месеци затвор.
„Денеска сме ослободени. Има многу за дискусија за сегашноста и иднината на Венецуела, секогаш со вистината во преден план“, рече Гуанипа синоќа во видео објавено на социјалната мрежа X, објавија британските медиуми.
Гуанипа, кој се смета за еден од најблиските сојузници на истакнатата опозициска фигура Марија Корина Мачадо, кон крајот на мај лани беше однесен во притворски центар во Каракас, главниот град на Венецуела.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело го обвини за учество во наводна „терористичка група“ која планирала да ги бојкотира законодавните избори истиот месец, потсетуваат британските медиуми.
Ослободувањето на Хуан Пабло Гуанипа доаѓа во услови на растечки притисок врз владата на вршителката на должноста претседателка Делсеа Родригез за слободување на сите луѓе чие притворање пред месеци или години беше поврзано со нивните политички убедувања од страна на нивните семејства и невладини организации.
Родригез положи заклетва како вршителка на должноста претседателка на Венецуела откако на почетокот на јануари американската војска го зароби и киднапира тогашниот претседател Николас Мадуро.
Венецуелската влада минатиот месец објави дека ќе ослободи значителен број затвореници – централно барање на опозицијата во земјата и групите за човекови права поддржани од САД.
Меѓутоа, семејствата и организациите за човекови права ги критикуваа властите за бавното темпо на ослободувањето.