Бугарскиот ракомет е завиен во тага по веста за смртта на селекторот на машката репрезентација, Илијан Василев, кој почина на 61-годишна возраст.
Василев подолг период се бореше со сериозни здравствени проблеми, а денеска беше потврдено дека ја загубил најтешката битка.
И покрај тешката состојба, тој остана посветен на националниот тим до самиот крај и беше на клупата за време на двата претквалификациски натпревари за Европското првенство 2028 против селекцијата на Турција.
Во својата играчка кариера Василев беше долгогодишен репрезентативец на Бугарија настапувајќи во периодот од 1983 до 1995 година и запишувајќи повеќе од 250 настапи во националниот дрес.
Богато искуство стекна и во Франција како ракометар и тренер, каде со екипата на Ница двапати ја освои титулата во Втората лига, а во 1995 година беше дел и од француската Супер Лига.