Македонија во последните неколку години стана центар на регионална дестабилизација, вели академик Љупчо Коцарев во интервју со новинарот Љупчо Цветановски во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа. Според него потврдата за неговите ставови пристигна уште во 2022 година.
„Во Преговарачката рамка, официјален документ на ЕУ, се поставени вонредни и уникатни услови за прием на Македонија во Европската Унија, кои за другите земји вклучени во пристапниот процес ги нема, ниту ги имало при претходните процеси на проширување. Тоа, пред сè, се однесува на имплементацијата на билатералните договори со Грција и со Бугарија како дел од критериумот од Процесот за стабилизација и асоцијација за добрососедските односи, но и на голем дел од дополнителните барања од страна на Бугарија кои сега се составен дел на Заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на Преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори. А кои се барањата на Бугарија? Уште еднаш да повторам за да нема недоразбирање: за бугарските политичари, но, за жал, и за повеќето бугарски граѓани (резултат на деценискиот образовен систем на Бугарија), македонскиот јазик е бугарски дијалект, не постои македонски народ, македонската нација е создадена вештачки врз база на бугарската народност, која постоела во Вардарска Македонија и Македонија е колепка на бугарската ренесанса, на создавањето на бугарската нација. Ваквите бесмислени и ненаучни ставови денес се дел од Преговарачката рамка“, посочува академик Коцарев.
Тргнувајќи од цивилизациски придобивки, политичките договори што ги менуваат и ги обликуваат научните резултати треба да се отфрлат со резигнираност и осуда, цени академикот, според кој токму такви се Договорите со Грција и со Бугарија, акти кои влијаат врз научните истражувања, мислења и резултати на лингвистиката, археологијата, етнологијата, историјата…
„Секогаш кога постојат политички договори што влијаат и ги трасираат научните тврдења и не оставаат простор за научни дебати и мислења, резултатот, парафразирајќи го Еразмо Ротердамски, е ист: „Пофалба на глупоста“, што овозможува согледување на гнилежот на македонските и европски институции. Дали држави што не се членки на ЕУ, ќе се распаднат или не – е прашање на коешто е несериозно дури и да се обидеме да одговориме, но, имајќи ги предвид Заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на Преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори, Македонија сигурно ќе ја се распадне ако стане членка на ЕУ. Оттука, зарем не ви се чини дека, после се што направи Македонија, од независноста до денес – да се потсетиме, бевме први во регионот по многу прашања, останува горчлив вкусот дека, за жал, Македонија се перципира само како геополитичка лабораторија во која меѓународните поголеми „играчи“ тестираат свои „рецепти“ за стабилизација, соживот, и за институционална трансформација“ констатира академикот во интервјуто за ТВ Алфа.