Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Томас Вајц, кој е главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата, како што соопшти Министерството за европски прашања, било разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Република Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Заменик-претседателот Сали изразил благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што бил реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција. Европратеникот Вајц истакнал дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности.
Двајцата соговорници се согласиле за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Македонија.