Метрополитенската полиција поведе кривична истрага против поранешниот британски амбасадор во Вашингтон и европски комесар за трговија, Питер Манделсон, поради наводи за злоупотреба на службената положба, потврдено е по проценката на материјалите кои се однесуваат на неговата наводна комуникација со осудениот американски сексуален престапник Џефри Епстин.
Истрагата е иницирана откако беа објавени имејлови од Министерството за правда на САД, за кои се тврди дека покажуваат дека Манделсон, додека бил секретар за бизнис во владата на Гордон Браун во 2009 година, му препраќал на Епстин информации кои би можеле да бидат чувствителни за пазарот, пренесе Би-Би-Си. Полицијата наведе дека примила повеќе пријави, вклучително и упатување од владата на Обединетото Кралство, по објавувањето на судските документи поврзани со Епстин. Портпаролот на британската влада рече дека владата е подготвена да ја пружи сета потребна поддршка на полицијата.
Поранешниот британски премиер Гордон Браун изјави дека му пишал на комесарот на Метрополитенската полиција, доставувајќи релевантни информации во врска со наводната преписка меѓу Манделсон и Епстин, оценувајќи го таквото постапување како „непростливо и непатриотско“.
Манделсон не одговори на барањата за коментар, но Би-Би-Си наведува дека тој смета оти не дејствувал криминално ниту од финансиски побуди. Во текот на викендот тој повтори дека жали поради својата поврзаност со Епстин и им се извини на жените и девојчињата кои претрпеле злоупотреба.
Лорд Манделсон вчера поднесе оставка во британскиот Дом на лордовите, горниот дом на парламентот на Обединетото Кралство. Меѓутоа, рече дека ќе го задржи доживотното благородништво. Владата соопшти дека работи на законско решение кое би овозможило одземање на неговата благородничка титула во забрзана постапка.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека Манделсон „ја изневерил својата земја“ и го оцени наводното препраќање информации како „срамно“. Тој додаде дека не е уверен оти сите релевантни информации веќе излегле на виделина.
Наводните имејлови, кои се дел од објавените документи од 2008 година, укажуваат на комуникација меѓу Манделсон и Епстин за владини планови, вклучувајќи го данокот на банкарските бонуси, како и други економски мерки. Во документите исто така се споменуваат наводни парични исплати од Епстин до Манделсон и неговиот партнер, што Манделсон претходно го негираше, наведувајќи дека не се сеќава на тие исплати или дека тврдењата се неточни.
Опозициските партии побараа дополнителни објаснувања во врска со именувањето на Манделсон за амбасадор на Велика Британија во САД во 2024 година, како и за процесот на проверка кој и претходел на таа одлука. Владата најави дека ќе биде подготвена да ги објави релевантните информации, со исклучок на документите кои би можеле да ја загрозат националната безбедност или меѓународните односи.