Десетици илјади демонстранти во Чешка излегоа на улиците за да му дадат поддршка на либералниот претседател Петр Павел, во услови на засилени тензии меѓу него и новата десничарска влада предводена од милијардерот Андреј Бабиш, пренесе ДПА.
Поддржувачите на Павел исполнија два големи плоштади во центарот на Прага. Иницијаторите на митингот под слоганот „Милион моменти за демократија“ изјавија дека во чешкиот главен град се собрале меѓу 80.000 и 90.000 луѓе.
Павел и Бабиш влегоа во остар спор околу министрите во новата влада. Претседателот одби да го именува почесниот претседател на партијата „Мотористи за себе“, Филип Турек, за министер за животна средина. Павел го образложи одбивањето со тврдењето дека Турек дал контроверзни изјави кои, според зборовите на претседателот, се неспојливи со министерската функција во една демократска земја. Четириесетгодишниот Турек претходно објавувал расистички и сексистички коментари на социјалните мрежи, појаснува ДПА.
Освен тоа, Павел јавно го обвини министерот за надворешни работи и сопартиец на Турек, Петр Мацинка, за обид за уцена во врска со овој случај.
Павел им се заблагодари на учесниците на денешниот митинг за поддршката што му ја укажаа, нагласувајќи дека е важно да се заштитат вредностите како што се достоинството, вистината и почитта. Поранешниот генерал на НАТО, Павел, е на претседателската функција од март 2023 година.
Опозициските партии во парламентот планираат во вторник да поднесат предлог за гласање недоверба на владата поради обвинувањата за вршење притисок врз претседателот. Сепак, шансите за успех се мали. Владејачката коалиција, во која влегуваат партијата на Бабиш „Акција на незадоволни граѓани“ (АНО), „Мотористи за себе“ и десничарската формација „Слобода и директна демократија“, има мнозинство од 108 од вкупно 200 места во долниот дом на парламентот.