Генералниот директор на Одборот за мир, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, Николај Младенов, денеска ги повика страните во регионот да „покажат воздржаност и да го почитуваат примирјето“, откако во близина на граничниот премин Рафа, во пресрет на неговото отворање, дојде до судири и пријавени жртви.
– Длабоко сум загрижен поради настаните што се случија во петокот. Вооружени припадници на (палестинското милитантно движење) Хамас излегуваат од тунелите во Рафа, а израелските напади, за жал, убија и цивили, наведе Младенов во објава на Х.
Младенов истакна дека неговата канцеларија работи со Националниот комитет за управување со Газа за да се „најдат начини за спречување на идни инциденти“.
– За ова ќе биде потребна целосна соработка од сите страни, додаде Младенов, нагласувајќи дека ваквите инциденти претставуваат ризик за тешко постигнатиот напредок предвиден со Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН и мировниот план на Трамп од 20 точки.
Во израелските напади, според наводите на „Ал Џезира“, врз јужна и централна Газа вчера загинале повеќе од 30 луѓе, меѓу кои и неколку деца.