Свет ЕУ

Вебер ја возобнови идејата за спојување на функциите претседател на Европскиот совет и на ЕК

Вебер смета дека ваквиот чекор би бил можен, бидејќи за тоа нема да биде потребно да се вршат измени на договорите на ЕУ.

Вебер ја возобнови идејата за спојување на функциите претседател на Европскиот совет и на ЕК

Првиот човек на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер ја возобнови својата идеја за спојување на функциите претседател на Европскиот совет и на Европската комисија во една.

Според Вебер, на овој начин со еден прв човек, ЕУ ќе може да „зборува со еден глас“ на глобалната сцена.

Вебер смета дека ваквиот чекор би бил можен, бидејќи за тоа нема да биде потребно да се вршат измени на договорите на ЕУ.

Но, со ваквиот став на Вебер не се согласува Европскиот совет, кој наведе дека согласно договорите на ЕУ „во нивната сегашна форма“ исто лице не може да ги врши двете функции.

На сличен став е и членот на Комитетот за уставни прашања на Европскиот парламент, Сандро Гоци, според кого договорите на ЕУ „му забрануваат на претседателот на Советот да држи каков било национален мандат“.

Забелешката се однесува на позицијата претседател на Европската комисија, кој во рамки на извршното тело на Унија ја претставува својата матична држава. Во сегашниот случај претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен е претставник на Германија во Комисијата.

Вебер оваа идеја првпат ја промовираше во текот на кампањата за изборите за членови на Европскиот парламент, кога тој беше „шпиценкандидат“ на ЕПП, односно кандидат за претседател на ЕК. Сепак, по изборите дел од земјите членки не ја поддржаа кандидатурата на Вебер и место него на функцијата беше избрана Фон дер Лајен.

Минатиот месец идејата за спојување на двете функции ја спомена и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

Функцијата претседател на Европскиот совет е воспоставена со Лисабонскиот договор од 2009 година. Дотогаш, претседавачката функција беше ротирачка и ја вршеше претседателот или премиерот на државата актуелен претседавач со ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет се бира за мандат од 2,5 години со право на реизбор.

To top