Колумни

Социјална правда или социјален криминал? Време е за „чешлање“ на фиктивната сиромаштија

Социјална правда или социјален криминал? Време е за „чешлање“ на фиктивната сиромаштија

Штрајкот на синдикатот за повисоки плати ја отвори темата за достоинството на трудот како и за можноста од политизирање на целата оваа работа но вистинскиот шок дојде по неговото завршување. Во јавните дискусии испливаа фрапантни бројки, а една од нив посебно ме вознемири а тоа е бројот на луѓе што живеат од социјална помош во нашата држава. Бројката од над 100.000 приматели на социјална помош во Македонија не е само статистика. Таа е огледало на сиромаштијата, но и аларм за длабоки пукнатини во системот. Во држава што уставно се дефинира како социјална, грижата за ранливите е обврска. Но кога таа грижа се претвора во инструмент за злоупотреба, тогаш веќе не зборуваме за социјална политика туку за социјален криминал.

Со години социјалната помош не беше само механизам за поддршка, туку и алатка за одржување на социјален мир и политичка лојалност. Под маската на хуманост, системот често функционираше како паралелен клиентелистички механизам со пари на даночните обврзници.

Како стигнавме дотука?

Како е можно во земја каде приватниот сектор постојано се жали на недостиг од работна сила, десетици илјади работоспособни луѓе формално да живеат од државна помош? Одговорот не лежи само во економијата, туку и во начинот на кој системот бил воден.

Со години постоеја сериозни сомнежи дека критериумите се применувале селективно. Локалните центри за социјална работа честопати биле изложени на политички притисоци, а контролата била слаба или формална. Така, покрај оние што навистина немаат, во системот влегувале и лица што работат на црно, примаат значителни средства од странство или поседуваат имот што никако не соодветствува со статус на социјален случај.

Ова не е изолиран морален проблем. Ова е системска неправда.

Понижувањето на вистински сиромашните

Најголемата штета од ваквиот модел не е само буџетска. Таа е морална. Секој лажен корисник значи помалку средства за некој што навистина нема за лекови, храна или греење. Секој фиктивен „социјален случај“ ја поткопува довербата во целиот систем и ги става под сомнеж и оние што навистина живеат во сиромаштија.

Кога граѓаните гледаат човек со луксузен автомобил, а со статус на социјален корисник, не страда само буџетот туку страда и чувството за правда.

Одговорноста на политиката

Изминатите влади мора да одговорат на едно суштинско прашање: како дозволија системот за социјална заштита да стане толку ранлив на злоупотреби? Наместо прецизна таргетираност, добивме масовност. Наместо социјална мобилност – зависност. Наместо контрола – замижување.

Колку повеќе луѓе зависат од државата, толку полесно е со нив да се манипулира. Тоа не е социјална стратегија. Тоа е политички клиентелизам платен од сите нас.

Што мора да се направи веднаш

Ова не е повик за кратење на социјалната помош, туку за нејзино прочистување и зајакнување.

Прво: итно и редовно вкрстување на податоците меѓу институциите: УЈП, банки, катастар, МВР. Во 21 век е недозволиво државата да нема целосна слика за приходите и имотната состојба на корисниците на буџетски средства.

Второ: теренските контроли мора да станат правило, не исклучок. Но тие треба да се спроведуваат професионално, без понижување, со јасни процедури и можност за жалба за да се заштитат и граѓаните и системот.

Трето: одговорност мора да има и кај службениците и кај корисниците. Намерната злоупотреба на социјалната помош не е „снаодливост“ туку кражба од најранливите.

Оваа битка е ЗА сиромашните, а не против нив

Најважно е да бидеме начисто: прочистувањето на системот не е напад врз сиромашните. Напротив, тоа е предуслов за вистинска социјална правда.

Средствата ослободени од злоупотреби треба да завршат таму каде што се најпотребни:

кај децата без родителска грижа, кај самохраните родители, кај лицата со попреченост на кои секој денар значи терапија или помагало, кај старите и болни луѓе што живеат сами и заборавени и други ранливи категории.

Историски тест за сегашната власт

Сегашната власт има шанса да направи нешто што со години се избегнуваше да воведе ред таму каде што предолго владеел хаос облечен во хуманост. Тоа бара политичка храброст, бидејќи секое „чешлање“ носи и незадоволство.

Но вистинската социјална држава не се плаши од вистината. Таа ги штити немоќните, а не манипулаторите. Таа гради систем во кој помошта е мост кон достоинствен живот, а не трајна политичка алатка. Ако сега не ги исчистиме списоците и не воведеме строги, правични правила, социјалната помош ќе остане симбол на неправда наместо солидарност.

Време е државата да престане да биде заложник на лажната сиромаштија за да може конечно вистинската да добие достоинствена поддршка.

30.01.2026
Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

To top