Македонија

75 години од смртта на Павел Шатев, член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада

75 години од смртта на Павел Шатев, член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада

На 30 јануари во 1951 година во Битола умрел Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори, наречени „гемиџии“, крунски сведок што останал да раскажува за тоа што се случувало во Солун во 1903 година. Неговиот живот е мошне бурен и мачен. Бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада.

Во времето кога е објавена Резолуцијата на Информбирото (28 јуни 1948), Шатев се наоѓал во Скопје. Самиот изјавува дека Резолуцијата не оставила врз него некој особен впечаток и тогаш му станало јасно „дека за едно искрено решавање на југословенско-бугарските односи не биле пречка теоретските разногласија, ниту пак желбите на народите, туку руските државни интереси“. Павел Шатев (како непартиен) бил вон разидувањата во партиските врвови и единствен негов искрен ангажман тогаш било решавањето на македонското прашање, посебно што претходно Тито и Димитров разговарале за Југословенско-Бугарска федерација. Но, заради претходиниот „багаж“, Шатев бил ставен во категоријата сомнителни и пензиониран, односно УДБА оценила дека е „потенцијално опасен“.

Под хипотеката „советски шпиун“ бил уапсен на 16.VI 1949 година, кога по завршената седница на Народното собрание во Белград оди кај семејството во Загреб. Пратеничкиот имунитет му бил одземен 10 дена по апсењето. Доведен е во Скопје и сместен во посебна просторија во зградата на Државна безбедност, во која се наоѓал Благоја Аризанковски, уапсен по линија на ИБ и потоа одведен на Голи Оток.

Павел Шатев останал неколку месеци повеќе во истиот истражен затвор. Бил изложен на малтретирања од секаков вид цели 11 месеци додека неговото семејство не знаело каде е. Потоа бил одведен во Битола и затворен во специјален затвор – куќа на органите за безбедност. Оставен да живее во мизерни услови, изолиран, во студ, гладен, болен и без нужната лекарска нега, човекот кој не беше уништен ни од османскиот султан, ни од бугарскиот цар, кој го минираше „Гвадалкивир” во Солун, кој ги преживеа злогласните „Еди Куле”, „Фезан”, „Ени Ќој”, затворот во Софија и Ќустендил, беше докрајчен со методите на репресија на комунистичката власт, во својата македонска држава.

Роден е во Кратово, на 15 јули 1882 година.

To top