В.Д. претседателката на Венецуела, Делси Родригез, пред некој ден изјави дека ѝ е „доста“ од наредбите на Вашингтон, додека се обидува да работи на обединување на земјата после киднапирањето на Николас Мадуро.
Делси е во многу неблагодарна политичка позиција и оди по јаже балансирајќи меѓу лојалистите на Мадуро и наметнатата потреба Белата куќа да е задоволна.
Сега првпат им се спротивстави на САД кои вршат постојан притисок врз Каракас и имаат секакви барања поврзани со нафтата.
„Доста е веќе од наредбите на Вашингтон за политичарите во Венецуела“, изјави таа пред група нафтени работници во градот Пуерто Ла Круз, на настан емитуван од државниот ТВ канал.
Трамп се правеше дека не ги слушнал забелешките на Родригез но затоа Марко Рубио е тука за реплика.
Тој оценува дека САД и Венецуела не се во војна но дека Вашингтон не ја исклучува опцијата за нов воен удар ако државниот врв не ги исполнува нивните очекувања.
„Доколку другите методи не успеат, подготвени сме да употребиме сила за да обезбедиме максимална соработка“, ќе каже Рубио, според неговата изјава за комитетот за надворешна политика која веќе им е поделена на медиумите. „Се надеваме дека ова нема да се покаже како неопходно, но никогаш нема да се воздржиме од нашата должност кон американскиот народ и нашата мисија на оваа хемисфера“.
Внатрешните поделби во Венецуела главно се на линија на лојалистите на Мадуро и оние кои се „чависти без мадуристи“ – поддржувачи на покојниот Хуго Чавез кои го отфрлаат Мадуро, обвинувајќи го дека ги предал социјалистичките идеали на 21 век. Како про-американски се сметаат оние околу нобеловката Мачадо, малиот круг приврзаници на несудениот октроиран лидер Гуаидо како и помали партии и НВО‑мрежи кои лобираат за санкции, приватизација и поблиски економски и безбедносни врски со САД.