Култура

Оперскиот спектакл „Кавалерија Рустикана“ вечер во Националната опера и балет

Оперскиот спектакл „Кавалерија Рустикана“ вечер во Националната опера и балет

Операта во еден чин, „Кавалерија Рустикана“, едно од најуспешните дела од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, ќе биде изведена вечер во Националната опера и балет (НОБ), соопштија од установата.

Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена. Станува збор за интензивна приказна за љубовта, љубомората и одмаздата.

– Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари – Италија, со сценографија на Зоран Николовски и костими на Елена Дончева, овој спектакл ќе се одржи во 19:30 часот на големата сцена на НОБ. Очекувајте силни емоции и славното „Интермецо“, порачаа од Националната опера и балет.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес, стои во соопштенито по повод претстојната изведба на оваа опера.

Поврзани теми

Најнови вести од Култура

To top