Свет изјава

Мерц: Енергијата на ветерот е преодно решение, Германија смета на нуклеарна фузија

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска во Хамбург изјави дека енергијата од ветропарковите на море за неговата земја претставува само преодно решение, а во иднина ќе мора да се потпре на енергијата од нуклеарна фузија.

Мерц: Енергијата на ветерот е преодно решение, Германија смета на нуклеарна фузија

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска во Хамбург изјави дека енергијата од ветропарковите на море за неговата земја претставува само преодно решение, а во иднина ќе мора да се потпре на енергијата од нуклеарна фузија.

Мерц на самитот на земјите од Северното Море, каде што учествуваа и лидерите на Данска, Белгија, Холандија и Норвешка и договорија изградба на нови ветроелектрани, нагласи дека енергијата на ветерот „ќе ја придружува Германија во наредните десет, дваесет, можеби триесет години“, но дека не е крајно решение, пренесува „Билд“. Според него, долгорочната цел на Берлин е Германија прва во светот да пушти во работа комерцијален фузиски реактор.

Мерц оцени дека таквиот технолошки исчекор би овозможил производство на електрична енергија по исклучително ниска цена, со што, како што наведе, „другите методи на производство би станале непотребни“.

Нуклеарната фузија, за разлика од класичната нуклеарна енергија заснована на цепење на атомите (фисија), подразбира спојување на лесните атомски јадра во потешки, при што се ослободуваат огромни количини енергија.

Сојузната влада на Германија на почетокот на октомври одобри повеќе милијарди евра за поддршка на истражувања во оваа област, иако технологијата сè уште се наоѓа во експериментална фаза. Научниците ниту по децении истражувања не успеаја да произведат значителни количини енергија од фузиските постројки бидејќи за нивната работа често е потребно повеќе енергија отколку што се добива со фузијата.

Мерц сепак е оптимист и смета дека технологијата би можела да биде комерцијално достапна во наредните десет-дваесет години.

Еколошките организации и некои експерти сепак се скептични и предупредуваат дека чекањето на развојот на фузијата би можело да доведе до одложување на примената на постојните обновливи извори на енергија. Тие исто така напоменуваат дека фокусот на големите централизирани постројки не е во согласност со концептот на децентрализирана енергетска транзиција.

To top