а минималната плата да не се заобиколува Економско-социјалниот совет, а во дијалогот за економската состојба потребни се сите затоа што македонската економија може да функцонира многу добро, порачува претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.
Бошков повторува дека за Бизнис-конфедерацијата е прифатливо зголемување на минималната плата во март со усогласувањето со законот и посочува дека секое друго покачување, без олеснети давачки за социјалните придонеси, ќе биде голем товар за стопанството.
– Разговаравме неколкупати и со претставници на Владата, но исто така и со нашите колеги и од Сојузот на синдикатите на Македонија и од другите синдикати дека би се задржале на ставот дека усогласувањето на минималната плата во март е прифатливо за нас, тоа е дел од законот што треба да се разбере и да се прифати, но исто така и за да можеме да покачиме повеќе, како што бараат синдикатите, во интерес и на работодавачите, и на граѓаните, и на работниците е покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси и оптоварено само со персоналниот данок, и тоа во сите сектори. Дополнителните барања и дополнителните 100 евра што ги сметаме како линеарно покачување навистина сериозно со овие услови, без олеснети давачки за социјалните придонеси, би биле голем товар за стопанството, не само за микро, малите и самостојните вршители на дејност туку и за сите компании, бидејќи станува збор за голем товар, кој не е само 6.000 денари, односно со социјалните придонесот е оптоварен со уште 4.500 денари – вели Бошков.
Нашето економско општество и економијата, особено приватниот сектор, потенцира тој, не може да си го дозволат тоа покачување. – Категорично кажуваме бидејќи, без оглед на позитивните показатели за зголемување на БДП, сепак станува збор за поделена економија на големи и мали, особено малите, кои се 98 проценти од економијата, не може драстично да прават исчекор во зголемување на и така големите трошоци за работење на компаниите, истакнува Бошков.
Тој дополнува дека за нивните барања од Владата се поставуваат со големо разбирање бидејќи, посочува, го знаат нивниот став во историјата на 25-годишниот социјален дијалог.
– Никогаш не сме изневериле никого и ја градиме довербата врз основа на посебната комуникација и искрените намери. Економијата во Македонија и особено да не ги споменувам малите, микро и средните фирми, навистина се соочуваат со потешкотии. Енормните профити се само замислена категорија бидејќи и од завршните сметки – податок што лесно е достапен преку Централниот регистар и секој може да го види, се гледа дека во многу мал процент македонските компании остваруваат профит и врз основа на тоа и го плаќаат данокот – вели Бошков.
Ова, дополнува тој, не се измислени фрази, туку е категорија за која треба да се разговара за да можеме сите да бидеме во добивка.
– Воопшто не станува збор за измислени фрази и состојби, туку македонската економија може многу добро да функционира и затоа е потребно постојано да се разговара во зависност од случувањата. Се случува сериозна геополитика, престројување на целата економија во светот и во Европа и ние треба отворено да разговараме на оваа тема – каде ќе ги насочиме парите, каде ќе ги насочиме реформите, дали ќе користиме наше раноградинарство, дали ќе користиме наши прехранбени продукти, наша енергија и енергенти. Тоа мора да го правиме колку и да не чини за да можеме да бидеме сигури да не увезуваме постојано надворешна инфлација, надворешен долг, надворешни енергенти и надворешна економија – посочува Бошков.
Во однос на минималната плата, укажува, не би го заобиколил Економско-социјалниот совет, а за економската состојба потребни се сите бидејќи така учествуваат и во националната развојна стратегија и во разни стратегии. Треба да разговараат отворено, да ги објаснат состојбите, бидејќи исклучиво професиналците во одредени сектори и одредени политики ќе може да ги кажат состојбите врз основа на искуството, врз основа на довербата и врз основа на нивното професионално знаење – вели Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија, во која преку здружени асоцијации членуваат речиси 8.000 компании, најголемиот дел микро и мали.