Пребарувањето на Гугл на прв поглед изгледа целосно безопасно, но експертите за сајбер-безбедност предупредуваат дека одредени поими можат сериозно да ја загрозат вашата приватност и безбедност на интернет.
ајбер-криминалците сè почесто користат напредни техники како т.н. „SEO труење“, со кои ги манипулираат резултатите од пребарувањето и ги насочуваат корисниците кон злонамерни веб-страници под нивна контрола. Овие страници често изгледаат легитимно и не предизвикуваат сомнеж, но со само еден клик корисникот може да го изложи својот уред на софтвер кој краде лични податоци, шири вируси или дури ги заклучува датотеките сè додека не се плати откуп.
Ова се пет поими кои е препорачливо да се избегнуваат при пребарување на Гугл:
„Број на корисничка служба“
Хакерите често поставуваат платени реклами за лажни кориснички служби, знаејќи дека многу луѓе им веруваат на резултатите што се појавуваат најгоре на Гугл. Наместо официјална поддршка, корисниците се пренасочуваат кон телефонски броеви на измамници, кои ги наведуваат да откријат лични или банкарски податоци. Затоа се препорачува контакт-броевите секогаш да се бараат директно на официјалните веб-страници на компаниите.
„Лесно достапни кредити“ и „брзи начини за заработка“
Измамниците често ги таргетираат лицата со финансиски проблеми, нудејќи „брзи кредити“ или „лесна заработка“. Ваквите понуди може да звучат примамливо, но најчесто водат кон страници кои имаат за цел кражба на банкарски податоци или инсталирање злонамерен софтвер. Во многу случаи, од жртвите се бара да преземат апликација која всушност содржи вирус наменет за кражба на чувствителни информации.
„Гугл аутентикатор“ (Google Authenticator)
„Гугл аутентикатор“ (Google Authenticator) е популарна апликација за двофакторска потврда на идентитетот и важна алатка за заштита на онлајн сметки. Сепак, сајбер-криминалците почнале да таргетираат токму корисници кои ја пребаруваат оваа апликација. Преку платени реклами, тие ги водат корисниците кон лажни страници кои визуелно изгледаат идентично како официјалните Гугл страници. Наместо вистинската апликација, корисниците несвесно преземаат „malware“ кој може сериозно да ја загрози безбедноста на уредот. Стручњаците советуваат апликациите да се преземаат исклучиво од официјални продавници како Google Play или Apple App Store.
„Прашалник за ментална издржливост во спортот“
„SEO труењето“ не се користи само за популарни поими, туку и за специфични термини со кои се таргетираат одредени групи. Експертите откриле дека хакери користат изрази поврзани со спортска психологија за да привлечат спортисти и рекреативци кон лажни PDF-документи. Со нивното преземање, корисниците несвесно инсталираат злонамерен софтвер – од програми за кражба на идентитет до ransomware. Се препорачува претпазливост при преземање документи од непознати извори и редовно користење антивирусна заштита.
„Онлајн вијагра“
Таканаречените „pharma hack“ напади ги таргетираат луѓето кои бараат лекови како вијагра и слични производи на интернет. Сајбер-криминалците користат хакирани WordPress-страници и вметнуваат линкови до лажни продавници со копии од фармацевтски производи. Поради начинот на кој функционира Google алгоритмот, овие страници често се појавуваат високо во резултатите и делуваат доверливо. Со клик на вакви линкови, корисниците ризикуваат кражба на лични податоци, купување опасни производи или заразување на уредот со вируси. Затоа се советува лековите да се купуваат исклучиво од официјални и проверени аптеки.