Свет 1 март 2026 година

Советот на ЕУ во конечна фаза ја одобри забраната за увоз на руски гас

Од денеска, енергетскиот пазар на ЕУ ќе биде посилен, поотпорен и поразновиден. Се откажуваме од штетната зависност од рускиот гас и правиме голем чекор, во духот на солидарност и соработка, кон автономна Енергетска унија, изјави кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија Михаел Дамијанос по повод усвојувањето на Регулативата.

Советот на ЕУ во конечна фаза ја одобри забраната за увоз на руски гас

Советот на ЕУ денеска во конечна фаза ја усвои Регулативата за постепено укинување на увозот на рускиот природен гас и течен природен гас (ЛНГ) во Европската Унија, која воедно вклучува и мерки за ефикасно следење на оваа забрана и за диверзификација во снабдувањето со енергија.

– Од денеска, енергетскиот пазар на ЕУ ќе биде посилен, поотпорен и поразновиден. Се откажуваме од штетната зависност од рускиот гас и правиме голем чекор, во духот на солидарност и соработка, кон автономна Енергетска унија, изјави кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија Михаел Дамијанос по повод усвојувањето на Регулативата.

Според актот, постепената забрана за увоз на руски гас во ЕУ ќе почне да се применува шест недели по стапувањето во сила на Регулативата. Целосна забрана на увоз на ЛНГ треба стапи во сила од почетокот на 2027 година, а на природниот гас од есента истата година.

Непочитувањето на новите правила може да резултира со максимални казни од најмалку 2,5 милиони евра за поединци и најмалку 40 милиони евра за компании или пак најмалку 3,5 проценти од вкупниот годишен промет на компанијата на глобално ниво или 300 отсто од проценетиот промет на трансакциите.

Дополнително, согласно Регулативата, земјите членки на ЕУ до 1 март 2026 година мора да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас и да ги идентификуваат потенцијалните предизвици во замената на рускиот гас.

Во случај на прогласена вонредна состојба или ако безбедноста на снабдувањето е сериозно загрозена во една или повеќе земји од ЕУ, Комисијата може да ја суспендира забраната за увоз на руски гас во траење до четири недели.

Регулативата ќе стапи на сила еден ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, што се очекува да се случи неделева.

Инаку, паралелно со ова, Еврокомисијата планира да предложи и закон за постепено укинување на увозот на руска нафта во ЕУ до крајот на 2027 година.

Најнови вести од Свет

To top