Цаци не издржа и стана „да ја види сала“, односно и покрај заканите на Венко до сопартијците, го искажа своето мислење за случувањата во СДСМ. Став, кој не кореспондира со розовите очила на пајташот на Заев од Дубаи. Со тоа, Петровска директно ризикува Филипче да ја избрка од партијата, како што вчера тој најави како казна за секое мислење кое не соодветствува со неговата замисла.
Пратеничката Славјанка Петровска посочи дека вчера на 31. Конгрес на СДСМ, не било лесно да се зборува по два тешки изборни порази, но дека, како што вели, тоа е обврска на секој социјалдемократ.
„Последниот изборен пораз е катастрофален, а воедно е и резултат на отсуството на дискусии за изборните порази во 2024 и 2021 година како и недоволната анализа на резултатот од 2020 година. Не смееме повторно да ја направиме истата грешка.
Социјалдемократијата е жива, но ако не почнеме да се менуваме, како партија ќе бидеме маргинализирани, а во крајна линија – ќе исчезнеме“, посочува Петровска.
Пратеничката дала предлог за статутарна измена со која претседателите на општинските организации во СДСМ ќе се избираат непосредно од членството, а не да ги назначува претседателот на партијата.
-Со ова ја враќаме моќта на одлучување кај членовите. Критичката мисла мора да опстои. Порачав дека критичката мисла е суштинска одлика на социјалдемократијата. Но, за да ја расчистиме секоја дилема кој критикува и од кои побуди, предложив политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и членовите на раководството, со цел да не ни се повторуваат непристојни јавни објави „едни против други“, стои во јавната објава на Петровска.
И Битиќи го „закачи“ Венко.
Социјалдемократијата, ако нешто значи за одредени партии во Македонија, мора да почне од самокритика, која не треба да се доживува како самопонижување, туку, напротив, како зрелост да се погледнеме во огледало и да признаеме дека губењето на избори е само последица на напуштање на внатрепартискиот дијалог, пишува пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во својата последна колумна „Кој се плаши од внатрешниот дијалог во партиите?“
„Ако сакаме да бидеме политички чесни кон себе, но и кон граѓаните, треба да кажеме дека нема кредибилен повик за дијалог во државата, ако дијалогот не живее и во нашите политички домови – партиите. Не може да очекуваме сериозна и изострена демократска или инклузивна политика, ако внатре, меѓу своите, не умееме да слушаме, да се коригираме и да се менуваме“, наведува тој.
Тој се осврнува на внатрепартискиот молк за кој вели дека многу често се маскира пред превезот на единство.
„Мислам на она „единство“ кое бара акламација, а не квалитет на аргументи, што барајќи дисциплина и лојалност ја пропушта смислата и легитимитетот на својата политичка егзистенција. ‘Единство’ кое е рефлексија на страв од аргументиран разговор, од дијалог“, вели тој.
На „оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња – да бидат во СДСМ, да работат за власта или да формираат фракции“, Филипче на Конгресот им порача дека тоа време завршувало.
„Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е. Кој планира да не’ поткопува одвнатре, да биде тројански коњ на ВМРО – ДПМНЕ или на други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства“, рече лидерот во улога на мал диктатор, во овој случај октроиран од Заев.