Свет Генералштабот на угандската војска

Во Уганда 30 убиени и околу 2.000 уапсени по протестите поради спорните избори

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера изјави дека со загриженост ја следи постизборната состојба во Уганда, вклучително и извештаите за апсења, притворања и насилни инциденти во кои биле вклучени опозициски лидери и нивни приврзаници.

Во Уганда 30 убиени и околу 2.000 уапсени по протестите поради спорните избори

Во Уганда се убиени 30 приврзаници на опозицијата, а околу 2.000 лица се уапсени за време на протестите поради спорните избори, соопшти денеска началникот на Генералштабот на угандската војска Мухузи Каинеругаба, син на повторно избраниот претседател Јовери Мусевени.

Лидерот на опозицијата Боби Вајн се крие, откако изјави дека безбедносните сили извршиле рација во неговиот дом по изборите одржани на 15 јануари, кои тој ги опиша како „очигледна кражба“, и повика на протести.

Според податоците на Изборната комисија, Мусевени (81) го освои седмиот претседателски мандат со 72 отсто од гласовите, додека Вајн доби 25 отсто.

Африканските набљудувачи и меѓународните невладини организации ја критикуваа жестоката репресија врз опозицијата и блокирањето на интернетот за време и по изборите.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера изјави дека со загриженост ја следи постизборната состојба во Уганда, вклучително и извештаите за апсења, притворања и насилни инциденти во кои биле вклучени опозициски лидери и нивни приврзаници.

И покрај тоа, Каинеругаба денеска на социјалната мрежа Икс се пофали дека „досега се убиени 30 терористи на НУП“, мислејќи на Националната платформа за единство – партијата на Вајн. Тој додаде дека се уапсени „повеќе од 2.000 хулигани“, користејќи го прекарот „Кабоби“ за Вајн, чие вистинско име е Роберт Кјагулани.

Европската Унија, исто така, денеска изрази загриженост, наведувајќи дека „жали поради предизборното и постизборното насилство и закани, особено против опозицискиот лидер Роберт Кјагулани“.

Каинеругаба (51) е познат по провокативниот и често вулгарен настап на социјалните мрежи и не ја крие амбицијата да го наследи својот татко на чело на државата. Оваа недела тој дури и се закани дека ќе го пронајде и убие Вајн.

Меѓу уапсените во последните денови е и опозицискиот пратеник Муванга Кивумби од областа Бутамбала во централна Уганда, каде што е пријавено најголемо насилство на денот на изборите. (МИА)

To top