Ракомет

Данска ја совлада Франција, Норвешка преживеа против Шпанија!

Данска ја совлада Франција, Норвешка преживеа против Шпанија!

Данска го покажа својот шампионски карактер и го нанесе првиот пораз на Франција на ова Првенство, додека претходно Норвешка извојува победа во меч кој се решаваше со ВАР-технологија во последната секунда.

Клучниот момент се случи во 48-та минута кога Франција водеше со 23:21. Тогаш на сцена стапи Емил Јакобсен, кој постигна пет од следните шест гола за Данска, додека Емил Нилсен (прогласен за играч на мечот) „спушти ролетна“ на голот со 11 клучни одбрани.

Шпанија и Норвешка, двете со нула бодови, играа меч за опстанок каде Норвешка славеше со минимални 35:34.

Аугуст Педерсен беше незапирлив со 11 гола, но сепак главната улога ја имаа судиите и видео-анализата. Во последните 11 секунди, беа направени две видео ревизии – прво за фаул на Мартин Ховде, а потоа и за последниот напад на Шпанија.

Судиите пресудија дека времето истекло пред Шпанците да упатат последен удар, што донесе делириум кај Норвежаните.

По првиот ден од главната фаза, ситуацијата е пеколно изедначена. Германија води со 4 бодови, додека Данска, Франција, Португалија и Норвешка имаат по 2. Шпанија останува последна со 0 и само теоретски шанси за полуфинале.

To top