Саем за туризам, во чиј фокус ќе бидат македонските рурални домаќинства и бизниси, ќе се одржува на 31 јануари и 1 февруари во Скопје. Како што најавуваат организаторите, Саемот на едно место ќе ги обедини најавтентичните рурални приказни од цела Македонија, а целта е да се приближи руралниот и искуствениот туризам до пошироката јавност, но и да се покаже дека патувањето не е само дестинација, туку и доживување, поврзување и учество во секојдневието на селскиот живот.
На саемот ќе се претстават мали рурални домаќинства со капацитет до 20-ина легла, автентични семејни винарници со можност за групни и индивидуални дегустации, ресторански услуги и сместување, како и земјоделски и рурални бизниси, кои нудат мир, природна убавина и топло селско гостопримство.
Предвидена е богата програма наменета за домашни и странски посетители, туристички професионалци, семејства и за сите љубители на автентични рурални доживувања.
– Посетителите ќе може да се информираат за можностите за краток и подолг престој и да откријат вистински рурални доживувања – месење пита, печење леб на традиционален македонски начин, адреналински активности во природа, часови по традиционално готвење, берење јаболка и други автентични искуства, наменети за сите генерации. За љубителите на природата, добрата храна и врвните вина, искуствениот туризам е многу подобра алтернатива од масовниот туризам, кој најчесто нуди брзи и површни посети, а искуствениот создава подлабока, поискрена и подолготрајна релација меѓу посетителот и местото. Преку сеопфатната програма што ја нудат овие домаќинства секој посетител заминува многу побогат со нови знаења, доживувања и емоционална исполнетост. Искуствениот туризам им овозможува на туристите да станат дел од секојдневието на локалната заедница – да учествуваат во подготовка на традиционална храна, да научат занает, да слушнат лични приказни и да доживеат култура што не може да се најде во туристички брошури или во големите хотелски комплекси, каде што посетителот е само бројка. Ваквиот пристап носи повеќекратни придобивки: поквалитетно туристичко искуство, поддршка на локалната економија, зачувување на културното наследство и помал притисок врз природните ресурси создавајќи одржлив модел на туризам што им користи и на гостите и на домаќините – велат организаторите.
За време на саемот сите посетители ќе добијат ваучер со 15 отсто попуст и на производите и на услугите што руралните домаќинства ги нудат. Покрај попустите, посетителите ќе имаат можност да дегустираат органски производи, вина, ракии, традиционални специјалитети и домашни преработки од разни региони на Македонија директно од луѓето што ги одгледуваат, произведуваат и создаваат.
– Секој производ носи своја приказна, регионален идентитет и знаење пренесувано на генерациите. Овој саем е дел од пошироката визија за одржлив и креативен туризам, развој на туризмот по должината на трасата Е-75, развој на руралните средини и акцентирање дека посетителот во Македонија не е само гостин, туку активен учесник – некој што останува подолго, учи, вкусува и се поврзува со местото и луѓето – наведуваат организаторите.
Саемската програма е збогатена со музички и стендап-перформанси, како и детски катчиња.
Во рамките на саемот ќе бидат достапни детаљни информации за организирани активности во руралните домаќинства, настани во природа за групи и поединци, гастрономски и вински пакети, оригинални работилници за деца и возрасни.
Саемот за туризам – домаќинства во рурални средини е организиран од „Јавна соба“ – Скопје, Министертвото за култура и туризам, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.