Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, денеска изјави дека е уверен дека САД и европските земји ќе најдат решение за желбата на американската администрација да ја преземе контролата врз Гренланд, отфрлајќи ја „хистеријата“ околу можна трговска војна.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата објави воведување царини за увоз од европските сојузнички земји кои се противат на американското преземање на Гренланд, што е автономен дел од Кралството Данска.
Европските земји тврдат дека ова би го прекршило трговскиот договор постигнат со Трамп минатата година, а лидерите на Европската унија ќе разговараат за можни контрамерки на вонреден самит во Брисел во четврток. Една можност е пакет царински давачки за увоз на американска стока во вредност од 93 милијарди евра, кои автоматски би стапиле на сила на 6 февруари по шестмесечно одложување.
Бесент рече дека прашањето се појавило неодамна и дека ќе најде решение што би ја гарантирало националната безбедност на САД и Европа.
„Поминаа 48 часа. Како што реков, опуштете се“, им рече Бесент на новинарите на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
„Уверен сум дека лидерите нема да ескалираат и дека ова ќе се реши на начин што на крајот ќе доведе до многу добра позиција за сите“, додаде тој.
Кога беше прашан за можноста за продолжена трговска војна меѓу САД и Европа, Бесент одговори: „Зошто скокаме таму? Зошто се стремите кон најлошиот можен исход? … Смирете ја хистеријата. Вдишете длабоко.“
Трамп постојано инсистираше дека нема да прифати ништо помалку од сопственост на Гренланд.
Лидерите на Данска и Гренланд рекоа дека островот не е на продажба и дека не сака да биде дел од САД.
Бесент, исто така, ги отфрли шпекулациите на пазарот дека европските влади би можеле да ги продадат американските државни обврзници што ги чуваат како резерви, што ќе го отежни финансирањето на американската Влада.
„Американскиот долг е најликвидниот пазар, тој е основа на сите финансиски трансакции и сигурен сум дека европските влади ќе продолжат да го држат“, рече Бесент.