Управителите на еден планински камп во Германија направија џиновски снешко висок 11,5 метри, за што им биле потребни околу 300 кубни метри снег, пренесуваат германските медиуми.
Според управителката на кампот во Ханенклее, Лидија Бечер, најверојатно станува збор за најголемиот снешко во Северна Германија, создаден досега. Во неговата изработка учествувале околу 30 лица, меѓу кои пожарникари, стручњаци за градежни машини и неколку кампери. Најпрво била изградена конструкција од столбови висока четири метри, по што, од даски бил оформен круг во кој бил натрупан снег и потоа набиен со помош на противпожарно црево и големо количество вода. На крај била поставена главата на снешкото, со додаден шешир.
Главата и телото на „снежниот“ човек биле заоблени и обликувани со лопати, додека очите, носот, устата и копчињата биле изработени од челик. На крај, овој „снежен“ убавец Ларс Велики, крстен по иницијаторот на оваа изработка, како моден дизајн, добил рачно плетен шал.
По седум часа работа, снешкото било завршено, по што следувала прослава, раскажа Бечер. Таа додаде дека идејата за џиновскиот снешко ја добиле заедно со нејзиниот сопруг откако слушнале за традицијата за „џиновски снежен човек“ во Бишофсгрин, на планините Фихтел, каде што, секоја година за време на карневалот се прави огромен снешко.